Ја запалив куќата во Капиново, ми беа ветени 25 илјади евра, сведочеше Муневски во судот во Велес

– Ја запалив куќата во Капиново, ми беа ветени 25 илјади евра, сведочеше денеска Сашо Муневски во Судот во Велес, откако претходно призна вина, а сега беше повикан како сведок, во постапката што се води против Даниел Димески и Ѓоре Петровски. Сите тројца беа обвинети дека учествувале во кривично дело. Сашо Муневски и Даниел Димески за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ од член 292, став еден во врска со член 288 став еден во врска со член 22 од Кривичниот законик, а обвинетиот Ѓоре за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, од член 292 став еден во врска со член 288 став еден, во врска со член 24 од Кривичниот законик.
Муневски од Прилеп кој има 41 година, а е правосилно осуден со казна затвор од седум години, сведочеше дека ги познавал обвинетите. На едно видување со Ѓоре, тој му кажал дека треба да му завршат една работа на еден човек угостител. Отишол кај него во Ореше, па кај угостителот во друго село. Угостителот наводно им рекол дека има проблем со човек во близина, па побарал од нив да го исплашат и да му нанесат штета, за да избега од тој крај.
-На тоа лице да му ја опожариме викендицата-куќата и затоа ќе ни плати нас со Ѓоре 25 илјади евра. Обвинетиот Ѓоре посочи дека парите ќе бидат за мене, сведочеше Муневски.
Притоа, како што додаде, му било кажано да не се плаши. Наводно му било кажано дека Ѓоре претходно имал такво искуство и му било платено пет илјади евра за опожарување на други викендици. Наводно, исто така, му било кажано дека синот на угостителот е полициско лице.
-Обвинетиот Ѓоре ми рече јас да не се секирам, да немам гајле, договорена е работата и од сето тоа нема ништо да ми се случи, ќе немаме проблем со полиција, со суд, истакна Муневски.
Подоцна во целиот план бил вклучен и Даниел Димески од Прилеп.
-Стасавме во Ореше, го зедовме Ѓоре. Се качи тој во возилото и се упативме со цел Ѓоре да ни покаже каде се наоѓа куќата. Јас и Даниел седевме назад, Ѓоре напред, рече Муневски.
Според тоа што го сведочеше, Ѓоре му кажувал на таксистот каде да вози, а ним им го повторил истиот муабет, да не се плашат, дека нема да има никаков проблем.
-Преку жичената ограда влеговме, портата не беше отклучена. Проверив за да се осигурам дали навистина нема никој во куќата. Не сакав да направам поголема штета од тоа само да ја запалам куќата. Не сакав да има луѓе и истите да бидат повредени. Проверив преку прозорецот, ја отворивме влезната врата со штрафцигер, вратата беше заклучена. Влеговме внатре со Даниел. Се осигурав дека нема луѓе внатре и ја запалив. Поливав со бензин од тубата што беше во багажникот во возилото, а и таму имаше бензин, дали од моторна пила, не знам. Бензинот го запалив со запалка. Даниел се исплаши, со ќебе мафташе со цел да се изгасне пожарот, ќебето падна од терасата а и Даниел падна од терасата – мало терасиче и избегавме, бевме прилично исплашени, сведочеше Муневски.
Како што подвлече, не ги добиле ветените пари за опожарување на куќата. Наводно, прашал дали воопшто треба да чекаат за да дојде човекот што ги ангажирал, за да донесе пари.
-Ѓоре ми се закани мене со оружје, односно пиштол. Ништо не му реков, се качив во возилото и заминавме за Прилеп. Ѓоре ми рече да си заминеме што поскоро додека не направил некоја поголема беља. За ова што се случи и јас и Даниел испаднавме пиони и искористени за нечии цели. Јас бев во безизлезна ситуација и се надевав дека со тоа што ќе го направам, ќе земам пари, бидејќи имам здравствени проблеми со левата рака. Даниел не стори ништо, освен што беше со мене. Двапати го праша Ѓоре за што станува збор, што треба да сториме, но, Ѓоре не му одговори. Чекаше јас да му кажам. Немаше момент за да му кажам на Даниел за што станува збор, сведочеше Муневски.
Муневски рече дека добивал закани за него и семејството, од Петровски, преку други луѓе.
Одговарајќи на прашања, тој рече дека се чувствува сто отсто измамен и изигран од луѓето со кои се договарал, дека тој и Даниел се максимално искористени. Иако, како што подвлече, тој исто како и Даниел, не сакал да се запали викендичката.
-Се колнам во се дека не сум добил ниту денар, одговори тој на прашање на обвинителката.
Вредеше ли ова за седум години затвор, а на некого да му уништите се?, го праша таа.
-Не, жал ми е, му се извинувам на оштетениот, одговори Муневски.






