Се огласи братот и вујко на жртвите од трагедијата во скопски Карпош: Со години биле жртви на семејно насилство

 20:34

Братот и вујко на загинатите мајка и ќерка во големата трагедија попладнево во Скопје со своја објава на социјалните мрежи целиот случај го нарече убиство на неговите најблиски. Во објавата на својот фејсбук профил Александар Стојановски го впери прстот кон институциите на системот, обвинувајќи дека во случајот со трагичен исход со неговите сестра и внука, целосно потфрлиле.

„Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем … После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.

Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!

Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!

Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам

Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!“ , стои во објавата на Стојановски на Фејсбук.

 

Back to top button
Close