Земи ги децата и бегај,овде нема кој да те штити. Активистката Смаиловиќ пријавила насилник,на крај полицијата нејзе ја распрашувала дали го вознемирувала

Активистката Мерсиха Смаиловиќ на социјалните мрежи сподели свое неодамнешно искуство со пријавување во полиција на семејно насилство на кое била изложена нејзина познаничка. Реакцијата на Смаиловиќ доаѓа по случајот кој ја потресе јавноста, во кој мајка се фрли од зграда во скопската населба Тафталиџе заедно со шестгодишната ќерка, откако со години постојано трпеле насилство од сопругот и татко на девојчето.

Смаиловиќ заклучува дека системот, полицијата, социјалните служби во Македонија – го штитат само насилникот во такви случаи. Таа вели дека не само што немало никаква акција на полицијата против насилниот сопруг на нејзината познаничка, туку дека активистката дури била повикана во полиција бидејќи тој се пожалил дека го вознемирувала.

„Неодамна бев со една познаничка во Полициска станица да го пријавиме насилникот (нејзиниот сопружник), чекање бирократија за да ни кажат: одете во друга станица, не сте за тука. Отидовме во другата станица, познаничката молчеше, јас зборував, се карав, барав права – полицијата само креваше раменици и велеше ќе направиме записник, јавете се во социјалните служби, кои наводно имаат ДЕЖУРНА ЛИНИЈА (уште една лага и циркус)“, раскажува Смаиловиќ.

Според неа, социјалните служби се „посебна ужасна приказна“.

„Незаинтересирани, мрзеливи, со оправдувања за насилникот, важно ништо никогаш не превзедоа за да ја заштитат ЖРТВАТА. Сите постапки и акти беа во корист на насилникот. Помина недела дена од нашето шетање по полициски станици и социјални центри, кога на мене ми се јавуваат од полициска станица ВЕДНАШ ДА ДОЈДАМ имало пријава за мене од НАСИЛНИКОТ, за ВОЗНЕМИРУВАЊЕ. ЈАС МОРАВ ВЕДНАШ да се појавам пред полициските службеници (кои беа истите кај кои ние го пријавувавме насилникот пред неколку дена). Бараа од мене да потпишам дека никогаш повеќе нема да го вознемирувам. Јас бев огоречена, лута, разочарана… КАКО Е МОЖНО системот да дозволува насилникот да врши насилство без со прст да мрдне, а кога истиот кукавица насилник ќе пријави дека сме го вознемирувале со тоа што сме го пријавувале, ЈАС БЕВ ВЕДНАШ повикана во станица“, вели Смаиловиќ.

„Оттогаш им велам на жените: Не пријавувајте, НИКОЈ НЕМА ТУКА ДА ВЕ ШТИТИ, ни социјалните служби ни МВР…. Земи ги децата, и БЕГАЈ… Бегај од оваа држава во која системот функционира само за насилниците“, заклучува активистката.

извор слободен печат и фб

 

Back to top button
Close