Војната со Иран го понижи потпретседателот на САД и неговите ветувања за мир
Судирот со Иран, во кој Соединетите Американски Држави се вклучија под во водство на претседателот Доналд Трамп, го доведе во незавидна положба потпретседателот Џеј Ди Венс, чии претходни ветувања за избегнување нови војни сега се доведени во прашање, оценува воено-политичкиот магазин „Атлантик“.
Според влијателниот американски весник, актуелната политика на Вашингтон претставува сериозен удар врз политичкиот кредибилитет на Венс. Тој за време на кампањата постојано нагласуваше дека САД не смеат да се вплеткуваат во нови надворешни конфликти, особено не во опасна конфронтација со Иран, но развојот на настаните покажува спротивен правец.
Како што наведува „Атлантик“, оваа ситуација остава впечаток дека предизборните ветувања на Венс биле само политичка реторика, без никакво вистинско влијание врз одлуките на администрацијата за надворешна политика. Изданието, исто така, истакнува дека внатрешното политичко влијание на американскиот потпретседател во меѓувреме ослабело. Иако, според весникот, тој ги задржува своите претходни ставови во приватни разговори, конкретните потези на Вашингтон изгледаат како јавно политичко понижување на неговата позиција.
Се потсетува и дека во септември 2024 година, Венс предупредил за ризиците од американската стратегија за постојан глобален ангажман. Тој во тоа време нагласи дека директната конфронтација со Иран би ги исцрпила значителните ресурси на САД и би донела сериозни финансиски трошоци.
Во претходните изјави, Венс конкретно посочи на опасноста од поширока ескалација на Блискиот Исток. Тој го опиша потенцијалниот вооружен конфликт меѓу Иран и Израел како „најверојатно и најопасно сценарио“, кое, доколку излезе од контрола, би можело да предизвика низа настани со глобални последици, вклучително и ризик од поширока светска војна.






