Балканот меѓу историјата и омразата

 До кога ќе живееме во сенките на минатото

Трифун Костовски

Без минато нема сегашност, историјата има своја хронологија која треба да се учи и почитува. Но кога стануваме заложници на минатото, ниту ја живееме сегашноста, ниту имаме право на иднина. Жална е иднината на Балканот ако минатото продолжи да ни ја пишува сегашноста

Почитувани читатели,

Деновиве во јавноста одекна информацијата дека бугарските власти постигнале договор со соседна Грција за пренесување на моштите, што му се припишуваат на цар Самоил, од Солун во Софија. Со големо внимание го следев интервјуто на професорот од Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Александар Атанасовски, професор по средновековна и византиска историја, дадено за Бугарското национално радио во емисијата „Радио Точка“ на програмата „Хоризонт“. Честитки за неговото излагање.

Историчар не сум, но историјата ја доживувам како учител од кој треба да извлекуваме поуки за да создадеме подобра иднина за сите нас и за генерациите што доаѓаат.

Историјата треба да биде учител на народите, а не оружје во рацете на политичарите.

Токму затоа не можам да го разберам поривот постојано да се отвораат теми што создаваат нови поделби, недоверба и нетрпеливост меѓу Македонците и Бугарите. Проблемот што го чувствувам не се моштите на цар Самоил, околу чија автентичност постојат различни ставови и сомнежи, проблемот е проблематичен и станува драматичен, нешто многу поголемо.

Проблемот не е каде ќе почива цар Самоил, туку дали ние, живите, конечно ќе научиме да живееме едни со други

Не можам да го разберам ваквиот политички чин, особено во услови кога комуникацијата меѓу Бугарија и Македонија е веќе сериозно оптоварена. Од Македонија се бара внесување на Бугарите во Уставот, како услов за продолжување на европскиот пат на земјата, додека во македонската јавност истовремено постои силно чувство дека од официјална Софија се оспоруваат или релативизираат делови од македонската национална посебност, јазик, култура, историја и традиција.Токму тука се раѓа најголемата недоверба.

Европската идеја би требало да почива врз почитување, достоинство, различност и рамноправност. Затоа, кога еден народ чувствува дека неговиот идентитет е предмет на политичко условување, природно е да се појават отпор и разочарување.

Европа не може да бара помирување меѓу народите ако патот кон тоа помирување создава чувство на понижување на друг народ

Балканот премногу долго живее со товарот на својата историја. Балканските војни, поделбите, окупациите, асимилациите и националните конфликти оставија длабоки рани. Македонија беше еден од просторите врз кои жестоко се судрија интересите на соседните држави и големите сили. За жал, тоа минато време ,,беше” како да се повампири во сегашноста.

Отворено, јавно поставувам прашање, до кога ќе избираме и ќе поддржуваме политичари што градат политичка моќ преку страв, национализам и омраза?

Зошто Балканот не изнедри доволно силни државници кои ќе создаваат иднина не само за сопствената држава, туку и за целиот регион? Иднината подразбира визионерство за кое однапред се градат и владеат меѓусебна почит и доверба каде што границите нема да бидат линии на омраза, туку административни линии меѓу народи што соработуваат. Таква иднина, во која слободната економска и трговска размена ќе создава просперитет, а историјата нема да служи како повод за нови конфликти е светла иднина.

Ниту една балканска држава нема да стане навистина силна ако нејзиниот сосед остане слаб, сиромашен и непријателски расположен

Проблемот, се разбира, не постои само меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Истите историски трауми и национални поделби ги гледаме во односите меѓу Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Како да не ја научивме старата римска максима: „Раздели, па владеј“, како да не сфативме на време дека историскиот циклус на повторување треба стратешки да го чуваме ви сегашноста.

Зошто дозволуваме Балканот, регион со исклучително значајна геостратешка положба, постојано да биде простор во кој се судираат интересите на големите сили? Зошто постојано им ја олеснуваме работата на соседите со незаситен апетит кон Македонија? Економски сме релативно слаби, демографски се празниме, младите ни заминуваат, а ние и понатаму водиме битки за тоа кој бил каде пред петстотини или илјада години. Не се брише историјата, таква е каква што е запишена.

Додека се расправаме кому му припаѓа минатото, не забележуваме дека младите ни ја напуштаат иднината

Тоа е вистинската трагедија на Балканот.

Зошто конечно не пораснеме?

Денес често слушаме критики за поранешната СФРЈ и за политичкиот систем во кој таа постоеше. Секако, таа држава имаше свои сериозни недостатоци и противречности. Но луѓето што го паметат тоа време паметат и една друга реалност, а тоа е идејата дека различни народи можат да живеат во заедничка држава, да соработуваат и меѓусебно да се признаваат. Се создаваше концептот на братство и единство, наместо секојдневно поттикнување национална нетрпеливост. Од концептот на СФРЈ учеа другите.

 

А што наследи Македонија од тоа време?

Еден од највредните примери е фактот што со голем дел од државите произлезени од поранешна Југославија денес имаме отворени и пријателски односи. Србија, која во одредени историски периоди била окупаторска и асимилаторска сила во Македонија, денес ја почитува македонската држава и Македонците како посебен народ.

Токму затоа верувам дека долгорочната соработка меѓу народите може да ги урне предрасудите што векови на конфликти ги создавале. Кога луѓето живеат во рамноправност и заемно почитување, времето создава доверба.

Заедничкиот живот не ги брише идентитетите и почитувањето, туку ги прави посилни

Не сум човек што негува омраза, напротив хуманиста и љубoвта кон луѓето ми се приoритети.Токму затоа си земам право да ги осудам оние политичари на Балканот кои преку национализам, историски ревизионизам и постојано отворање стари рани ја уништуваат можноста за подобра иднина. На Балканот не ни требаат нови победници и поразени. Впрочем во ниту еден воен конфликт нема победници. Ни треба генерација што ќе сфати дека најголемата победа е мирот.

На Бугарија ѝ треба просперитетна Македонија. На Македонија ѝ треба просперитетна Бугарија. На Србија ѝ треба стабилна Босна. На Хрватска ѝ треба стабилна Србија. На целиот Балкан му требаат соседи што ќе бидат партнери, а не вечни непријатели. Си требаме еден на друг!

Не можеме да ја смениме историјата, но можеме да одлучиме дали ќе им дозволиме на минатите историски конфликти да ја уништат нашата иднина

До политичките лидери во Софија би упатил едноставна порака, а таа е да се престане со политики и симболичните потези коишто во Македонија се доживуваат како провокација. Наместо да ги разделуваме нашите народи, да бараме начин повторно да ги зближиме. Наместо секоја генерација да ја учиме кој кому му бил непријател, да ја научиме како се гради соседство. Наместо да се натпреваруваме кој ќе присвои повеќе од минатото, да почнеме да се натпреваруваме кој ќе создаде подобра иднина.

Почитувани читатели,

Не смееме да молчиме кога станува збор за достоинството на еден народ, но исто така не смееме достоинството да го престориме во омраза кон друг народ. Токму тука е границата што Балканот премногу пати ја преминал.

Нашето достоинство мора да го браниме цврсто, но нашата иднина мора да ја градиме мудро

Вистинското прашање повеќе не е кому му припаѓа цар Самоил туку кому ќе му припадне иднината на Балканот. Дали на оние што повторно ги копаат старите ровови или на оние што конечно ќе почнат да градат мостови?

Ако продолжиме да живееме од омразите на нашите предци, тогаш на нашите деца ќе им оставиме само нови причини да се мразат, наследена омраза. Ако имаме храброст да го почитуваме сопствениот идентитет без да го негираме достоинството на другиот, Балканот конечно може да престане да биде регион на вечни конфликти и да стане регион на заедничка иднина.

Минатото не можеме да го промениме и не треба, но немаме право поради него да ја уништиме иднината!

Back to top button
Close