Битиќи: „Ќе дојде време кога солзите ќе пресушат, а луѓето ќе престанат да веруваат дека вреди да се остане овде“

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во обраќање во Собранието предупреди дека општеството се соочува со сериозна морална и институционална криза доколку не се препознава и санкционира родово базираното насилство. Тој порача дека институциите мора да бидат исполнети со вредности и одговорност, во спротивно, како што рече, се создава длабок општествен јаз со трагични последици. „Кога институциите не ги полниме со политички вредности, ние го држиме отворен понорот во општеството. И тој понор не останува празен. Го полниме со човечки животи. Со човечка крв“, истакна Битиќи. Според него, општеството мора да има храброст јасно да ги именува проблемите, особено кога станува збор за насилството врз жените. „Кога жена е убиена поради родово-базирано насилство тоа е фемицид. Ако не умееме да го препознаеме, спречиме и санкционираме, тогаш понорот што го држиме отворен не е случајност, туку последица на нашата вредносна пустина“, нагласи Битиќи.
Тој предупреди дека доколку институциите не реагираат соодветно, општеството ризикува да ја изгуби довербата на граѓаните. „Ако продолжиме по патеката поплочена со алчност, корумпирана себичност и ксенофобична анксиозност, ќе дојде момент кога солзите ќе пресушат – не затоа што болката ќе исчезне, туку затоа што ќе останеме без луѓе што веруваат дека вреди да се остане овде“, порача пратеникот.






