Европа стана најголем светски увозник на оружје

Европската Унија во последните пет години стана водечки светски увозник на оружје, што е директна последица на реакцијата на владите на руската закана и сè помалата доверба во безбедносните гаранции од САД, покажуваат најновите податоци на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), пренесува Reuters.

Увозот на оружје во европските земји во периодот од 2021 до 2025 година повеќе од трипати се зголемил во споредба со претходниот петгодишен период. Главните причини се снабдувањето на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија и обновата на сопствените воени залихи по децении на недоволни инвестиции.

 

Наглото зголемување на токот на оружје во Европа ја зголеми вкупната глобална трговија со оружје за скоро 10 проценти“, појаснува Мету Џорџ, директор на SIPRI-програмата за трансфери на оружје.

 

Според извештајот, Европа сега сочинува 33 проценти од глобалниот увоз на оружје, додека во претходниот петгодишен период уделот бил 12 проценти. Иако ја зајакнуваат својата воена индустрија, европските земји и натаму интензивно купуваат американско оружје, особено борбени авиони и системи за противавионска одбрана со голем дострел.

Увозот на оружје на Блискиот Исток паднал за 13 проценти, иако Саудиска Арабија и Катар сè уште се меѓу четирите најголеми светски купувачи. Падот главно се должи на тоа што големите нарачки на Саудијците од претходниот период сè уште не се испорачани, објаснува истражувачот на SIPRI, Питер Веземан.

 

Тој додава дека државите од регионот уште пред неодамнешните американски и израелски напади врз Иран веќе испратиле значајни нови нарачки кои сè уште не се вклучени во статистиката. Се очекува тековниот конфликт дополнително да ја поттикне набавката, особено на противракетни и противвоздушни системи.

„Прво ќе ја заменат потрошената опрема, а потоа ќе разгледаат набавка на дополнителна за да се заштитат уште поефикасно отколку досега“, вели Веземан.

САД ја зацврстиле својата доминација, зголемувајќи го уделот на глобалниот пазар од 36 на 42 проценти. На второ место е Франција со 9,8 проценти од глобалниот извоз, додека уделот на Русија по инвазијата на Украина во 2022 година паднал од 21 на само 6,8 проценти. Вкупниот извозен удел на европските земји изнесува 28 проценти, што е четирипати повеќе од Русија и пет пати повеќе од Кина објави Скопје1.мк

Back to top button
Close