Муцунски е разочаран од одлуката на Бугарија да му изрече десетгодишна забрана за влез на Менкиноски, најави соодветна реакција

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска коментирајќи го случајот со адвокатот Тони Менкиноски кажа оти е многу разочаран од односот на една земја членка на Европската Унија кон нашите граѓани.

За потсетување, адвокатот Менкиноски во саботата на прес-конференција информира дека ден претходно добил десетгодишна забрана за влез во Бугарија. Менкиноски рече оти добил официјален документ во кој пишува дека наводно тој претставува закана за националната безбедност на Бугарија.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали и како планира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да реагира, Муцунски рече оти искомуницирале со адвокатот, а најави и средба со негов во текот на наредните денови.

Од институционална гледна точка, ресорниот министер рече дека за него е многу значајно да ги види сите аспекти околу информацијата што ја добил адвокатот.

Сепак, според она со кое првично е запознат, Муцунски рече оти е многу загрижен и негативно изненаден од тоа како една земја членка на Европската Унија се однесува со наш граѓанин, којшто имал една и единствена цел – да штити права на група граѓани пред европските институции.

Тој најави соодветна реакција, а кои мерки и каков механизам ќе бидат искористени за тоа, дополнително ќе биде проценето.

„Ние и во минатото, со други наши соседи сме имале вакви слични состојби, секогаш сме реагирале на соодветен, дипломатски пат. Дополнително ќе процениме во рамките на институцијата какви мерки и кој механизам ќе го искористиме што го имаме на располагање, но јас сум не само негативно изненаден, туку сум и длабоко, длабоко разочаран за односот на една земја членка на Европската Унија кон нашите граѓани, а по однос на тоа што ќе се случува во иднина секако ви стоиме на располагање и ќе ве информираме за какви мерки и дејствија ќе преземе, бидејќи, како што гледам, и во јавноста има голем интерес по ова прашање“,рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Back to top button
Close