Хегсет: Трамп ќе ги диктира условите за предавање на Иран

Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека САД се на многу добар пат во спроведувањето на својот план во Иран, како и дека претседателот Доналд Трамп ќе ги диктира условите за предавање.
– Нашите капацитети се убедливо надмоќни во споредба со иранските. Кога ќе ги здружите нашите воздушни сили со израелските, тоа се двете најмоќни авијации во светот – рече Хегсет во интервју за ТВ мрежата Си-Би-Ес.
На новинарско прашање што значи „безусловно предавање“ на Иран, за кое претседателот Доналд Трамп зборуваше како за единствена опција, Хегсет одговори дека САД се борат за да победат.
– Тоа значи дека ние ги поставуваме условите. Ние ќе знаеме кога тие веќе нема да бидат во состојба да се борат. Ќе дојде до точка кога повеќе нема да имаат друга опција и ќе се предадат – изјави американскиот министер, додавајќи дека, без оглед на тоа дали Иранците ќе сакаат да го признаат тоа, Трамп ќе ги диктира условите за предавање.
Коментирајќи го постоењето на различни верзии за тоа зошто војната почна во овој момент, и тоа што некои поддржувачи на Трамп го критикуваа претседателот сугерирајќи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги вовлекол САД во војна, Хегсет кажа дека тој „секој ден набљудува како претседателот работи и дека притоа на прво место ги става интересите на Америка и нејзините граѓани“.
Одговарајќи на прашањето на новинарот Мејџор Герет да ги прокоментира извештаите според кои израелските разузнавачки служби обезбедиле информации за движењето на врховниот водач Али Хамнеи, а потоа тие податоци биле проверени и потврдени од страна на припадниците на ЦИА, што овозможило прилика за напад, Хегсет истакна дека е точно дека разузнавачките податоци, без разлика дали доаѓаат од Израел или САД, секогаш ги проверуваат американските служби.
– Многупати најдобриот начин операциите да почнат е врз основа на моменталните прилики – укажа тој, додавајќи дека Америка секогаш го контролирала донесувањето одлуки за тоа дали ќе тргне во напад или не, имајќи ја предвид заштитата и зајакнувањето на американските интереси.
Зборувајќи за мотивите за нападот врз Иран, Хегсет наведе дека Техеран има несмалени нуклеарни амбиции.
– Кога ја уништивме нивната нуклеарна програма по 12-дневната војна, требаше да седнат на преговарачка маса и да кажат: „Во ред, сфативме, нема да имаме нуклеарно оружје“, но тие не го сторија тоа – изјави американскиот функционер. Според него, кога претседателот Трамп ја согледува ситуацијата, тој гледа дека таа закана ќе продолжи.
Хегсет нагласи дека САД ќе осигураат нуклеарните амбиции на Техеран никогаш да не бидат остварени, истакнувајќи дека американските сили имаат опции да дојдат до иранскиот збогатен ураниум, но дека на никого не може да му каже какви се тие опции.
– Се поставуваат прашања и за тоа дали ќе има војска на терен или не, дали војната ќе трае две, четири или шест недели. Претседателот Трамп знае, а и јас знам, дека не му се кажува ниту на непријателот, ниту на пресот, ниту на кој било друг кои се вашите лимити во некоја операција. Ние сме подготвени да одиме онолку далеку колку што треба за да постигнеме успех – порача американскиот министер.
Коментирајќи ги наводите дека Русија му доставува разузнавачки податоци на Иран за позициите и движењата на САД, и колку е тоа опасно, Хегсет одговори дека сè се следи и оти американските команданти се свесни за сè.
– Имаме најдобри разузнавачки податоци во светот. Свесни сме кој со кого разговара, зошто разговараат со нив, колку тие информации можат да бидат точни, како тоа го пресметуваме во нашите борбени планови. Значи, знаеме што се случува. А претседателот има неверојатен талент да знае како да ги ублажи тие ризици – изјави Хегсет.
Тој додаде дека САД не се загрижени поради извештаите за учеството на Русите.
– Единствените кои треба да бидат загрижени сега се Иранците кои мислат дека ќе преживеат – рече Хегсет.
Во врска со Ормутскиот Теснец и неговата можна блокада, Хегсет одговори дека тука е американската огнена моќ.
– Каква и да била, иранската морнарица главно веќе не постои. Со сигурност ќе бидат потопени уште бродови. Нивната способност да проектираат каква било сила во тоа подрачје во поморска смисла се намалува и ќе биде сè помала – наведе тој.
На крајот се осврна и на досегашните жртви меѓу американските војници, по извештаите дека загинал и седмиот припадник на војската на САД.
– Претседателот беше во право кога рече дека ќе има жртви. Вакви нешта не се случуваат без жртви и ќе ги има уште. Но, тоа ни најмалку не нè слабее. Тоа ја зацврстува нашата решителност да кажеме дека ова е борба која ќе ја завршиме – заклучи американскиот функционер.






