Лариџани упати ново предупредување во врска со Ормускиот теснец по заканата на Трамп
Командантот на иранскиот Совет за национална безбедност, Али Лариџани, упати ново предупредување во врска со Ормускиот теснец откако претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани со „смрт, оган и гнев“ доколку Иран го блокира тој клучен пловидбен пат.
„Ормускиот теснец или ќе биде теснец на мирот и просперитетот за сите, или теснец на поразот и страдањето за воените подбуцнувачи“, напиша Лариџани на Х.
Трамп во објава на социјалните мрежи претходно рече дека САД ќе го нападнат Иран „20 пати посилно“, доколку Техеран ја сопре трговијата низ Ормускиот теснец, кој е клучна бродска рута во Персискиот Залив за извоз на нафта.
Иранската Револуционерна гарда синоќа соопшти дека секоја арапска или европска земја што ќе ги протера израелските и американските амбасадори од својата територија, ќе добие неограничен премин низ Ормускиот теснец од денеска.
Како што јави иранската државна телевизија, ИРГЦ соопшти дека тие земји би имале „полно право и слобода“ на минување низ овој стратешки пловидбен пат доколку ги прекинат дипломатските односи со Израел и САД, пренесе Си-Ен-Ен.
Низ овој теснец, широк околу 34 километри, поминува речиси една петтина од светската понуда на нафта, што го прави клучно и високоризично тесно грло за глобалните пазари. Војната меѓу САД и Израел со Иран доведе до раст на цените на нафтата од две главни причини: речиси целосното затворање на Ормускиот теснец и забавувањето на производството на нафта на Блискиот Исток.






