Гаши на комеморативната седница за Кочани: Песната на ДНК „Ако утре ме нема“, која до таа ноќ беше само рефрен, денес добива поинакво значење

Комеморативната седница за годишнината од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Собранието започна со минута молк.

На почетокот на седницата се обрати претседателот на собранието Африм Гаши.

Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Постојат утра што будат надеж и раѓаат нова сила, но има и мрачни утра што ја гасат надежта и предизвикуваат само болка. Такво утро беше 16 март минатата година кога осамна по трагичната ноќ во Кочани. Ноќ што започна со забава, со млади што славеа, со пријателства и насмевки, а заврши со плач со рани и болка што длабоко продре во срцето на целата држава. Таа ноќ Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки, туку изгубија и дел од својата иднина. Еден неповратен дел од нашата душа таа ноќ изгоре во Кочани. Таа ноќ, заедно со животите на 63 млади луѓе, со себе ги однесе и соништата и плановите кои штотуку почнаа да се градат. Приказните што штотуку почнаа да се пишуваат, и утрешнината на многу семејства во нашата земја. Денес стојам пред вас, со длабоко чувство на тага и тежок товар на одговорност, затоа што да се зборува за трагедијата како што е оваа, можеби е една од најтешките задачи што можат да и припаднат на една институција или на едно лице. Дури и по една година, тешко е да се изберат зборови, но уште потешко е да се изговорат, постојат моменти кога и да ги изберете зборовите, внимателно, тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човекот го чувствува и што го преживува. Таква е и оваа обврска за мене. Иако јавниот збор е должност, тој никогаш не бил толку тежок. Особено кога си свесен дека во ваков случај ниедна реченица не е доволна за да ја исполни празнината и за да ја ублажи болката што оваа трагедија ја остави кај семејствата и во совеста на ова општество“, изјави Гаши.

Гаши изрази огромна благодарност кон сите кои помогнале и додаде дека таа помош нема да биде заборавена објави Скопје1.мк

Back to top button
Close