(Видео) „Од пламен до надеж“, трогателен документарен филм за преживеаните од Кочани

Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани се одржува денеска во Скопје, а по повод една година од големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Пред присутните беше прикажан документарниот филм „Од пламен до надеж“ кој ги расплака присутните на конференцијата. Никој не остана рамнодушен на сведоштвата на дел од повредените во пожарот во „Пулс“ кои раскажаа како успеале да се спасат, како се одвивало нивното лекување и третманот кој го добиле од медицинските центри и помошта.

Рехабилитацијата на Пониква велат дека им помогнала многу, физички, но и психички. Да се прифатат, да се ресоцијализираат.

Чекорите кои ги правеле на патот до заздравување воопшто не им биле лесни, но нагласуваат дека имаат силна желба за борба, борба да се издигнат и благодарност за шансата што им ја пружил животот.

Македонија денес одбележува една година од трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата, која се случи на 16 март минатата година за време на настапот на македонската музичка група ДНК, ја потресе целата држава и остави длабока трага во јавноста.

Пожарот избувна во преполната дискотека во доцните ноќни часови, а за кратко време пламените јазици и густите облаци чад предизвикаа паника меѓу присутните. Во обид да се спасат, многумина беа повредени, додека 63 млади животи згаснаа во една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата.

Годишнината од трагичниот настан денес се одбележува со повеќе комеморативни настани во Кочани и низ државата. Во спомен на жртвите се организираат изложби, трибини, јавни собири, а семејствата, пријателите и граѓаните палат свеќи и положуваат цвеќе во чест на загинатите.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close