(Видео) Исповед на преживеана од „Пулс“: По комата започна борбата за живот, а денес сфаќам дека ништо не вреди ако не си здрав

Screenshot

Преживеаната од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Надалина Грозданова, првпат јавно проговори за ноќта на пожарот и за тешката борба за живот што следувала по несреќата.

Грозданова, која во моментот на трагедијата имала 19 години, беше една од повредените во пожарот. Таа раскажа дека нејзините сеќавања од моментот кога избувнал пламенот се избришани, но дека вистинската борба започнала по будењето од кома.

„Јас сум Надалина Грозданова, имав деветнаесет години и бев меѓу луѓето кои беа повредени во пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани. Сеќавањата од моментот кога избувна пламенот ми се избришани и не памтам точно што се случи, но од моментот кога се разбудив од кома во Грција знам дека во секој момент сум имала некој до мене и дека докторите и целиот медицински тим ми го спасиле животот“, раскажа таа.

Таа нагласи дека секоја секунда во тие моменти значела живот и дека искуството целосно ја променило како човек.

„Од многу аспекти се сменив како човек. Порано се грижев за многу работи во животот, но денес сфаќам дека ништо нема вредност кога не си здрав“, вели Грозданова.

Додека се лекувала на интензивна нега, таа ја добила и титулата ученик на генерацијата, но признава дека во тој момент тоа не ѝ значело ништо.

„Титулата ученик на генерација ми ја доделија додека бев на интензивна нега. Во тој момент тоа ништо не ми значеше. Животот го гледам на сосема поинаков начин“, раскажа таа.

Нејзината порака по трагедијата е дека здравјето е најважно.

„Добриот и здрав човек има милион желби, а болниот има само една – да оздрави. Тоа го почувствував на своја кожа“, вели таа.

Back to top button
Close