Фокус: Парите од Орбан потрошени за канализација завршија во џебот на омилени фирми на општините
Проектите од јавниот повик за унгарскиот кредит на кој се јавија општините, требаше да го подигнат квалитетот на живот на граѓаните, но парите во градежната офанзива, како што тврдеше премиерот Христијан Мицкоски, завршија буквално во канализација, односно за изградба на фекална канализација.
Од вкупно 80 општини во Македонија пристигнаа речиси 900 проекти од вториот повик на владата за аплицирање со проекти што се финансираат со 250 милиони евра од унгарскиот кредит, кој ни го одобри владата на Виктор Орбан во 2024 година. Беа одобрени 828 проекти во мај 2025 година, кои заедно со 288 проекти од првиот јавен повик, кој се случи на крајот од 2024 година, сочинуваат бројка од 1.116 проекти.
Заеднички именител за сите објавени проекти на општините во првиот и во вториот повик е реконструирањето улици или изградба на атмосферска или фекална канализација.
ОМИЛЕНИ ФИРМИ НА ОПШТИНИТЕ
Од 288, дури 213 проекти се реализираат преку Министерството за транспорт и се однесуваат на реконструирање улици или изградба на атмосферска или фекална канализација. Тоа покажува дека досега на ниту еден градоначалник во минатото, приоритет не му било решавањето на основните инфраструктурни услови во градовите за што во изминативе деценија и половина апелираат сите невладини организации, кои се занимаваат со локалните проблеми и потезите на локалната самоуправа.
Во една од анализите на „Фокус“ за тоа кои проекти се сработени од парите од првиот јавен повик на владата и кои се компаниите што се офајдиле најмногу добивајќи ги тендерите, заедничко на општините и нивните градоначалници е што тендерите за проектите финансирани со унгарскиот кредит ги добивале само неколку фирми.
Има случаи кога една фирма добива по неколку проекти од јавниот повик, додека чести се случаите фирмата што претходно ги добивала тендерите од општината, да добие шанса да заработи нешто и од унгарскиот кредит.
На пример, Друштвото за услуги, трговија и производство „Урбан Павер ДОО увоз-извоз“ од Скопје ги реконструира сите улици за кои аплицирал градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш. За вкупно 18 реконструкции на локалните улици, фирмата ќе заработи приходи од 923 илјади евра.
На вториот повик, Општина Гази Баба доставила до Министерството за локална самоуправа 12 проекти, со целокупна документација за нивна реализација, како што се: изградба на уште една нова детска градинка на потегот меѓу Ќерамидница и Маџари, доградба на ОУ „Крум Тошев“ во Трубарево, изградба на фекална канализација во Јурумлери, изградба на фекална канализација во Идризово и во Дрма и реконструкција на повеќе улици.
Градежната компанија „Жикол“ од Струмица ќе ја гради новата детска градинка во Триангла, за која ќе се потрошат 2,4 милиони евра. Оваа фирма доби уште два тендери од вториот повик: 1,015 милиони евра за изградба на атмосферска канализација по две улици во населбата Железара и 613 илјади евра за реконструкција на Палмиро Тољати во населбата М. А. Ченто.
Компанијата за трговија, производство и проектирање „Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ“ од Скопје ќе врши реконструкција на неколку улици во Општина Гази Баба за кои ќе добие околу 500.000 евра.
МУ СЕ ПОСРЕЌИ И НА „СТЕНТОН ГРАДБА“
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски аплицираше со проекти вредни 1,93 милиони евра, меѓу кои е и изградба на нова детска градинка во Дексион. Детската градинка ќе ја гради Вардарградба за 1,3 милиони евра. Ова е истата фирма, која гради градинка и во Гази Баба. Реконструкција на улици во општината ќе изведува „Пирамид Билдинг Солушнс“, која ќе добие 651 илјада евра.
Општина Аеродром, со проектите од првиот повик реконструира улици, тротоари, водоводна мрежа, доградба на мост, како и надградба на основно училиште. Сите овие проекти ѝ се доделени на компанијата „Пирамид Билдинг Солушнс“, која ќе заработи околу 2,5 милиони евра. Оваа фирма добива тендери кај сите скопски градоначалници, но најмногу во Аеродром уште од времето на Тимчо Муцунски, кој сега е министер за надворешни работи и трговија.
Симптоматично, истата фирма сега ќе ја гради натстрешницата на МНР за сума од 34 милиони денари. Оваа фирма од 2021 година досега, од Општина Аеродром добила 4 милиони евра за различни услуги и проекти..
Повеќе ТУКА






