(ВИДЕО) Фрчкоски: Бизнис мрежата на Христијан Мицкоски во енергетиката
„Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска ја објавува бизнис мрежата на Христијан Мицкоски во енергетиката. Започнува од едно име за кое Мицкоски не сака да се зборува – Душан Адамовиќ. Мицкоски го назначи за почесен конзул во Србија, а 15 дена бегаше од одговор за неговата поврзаност. Преку Адамовиќ, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО, доаѓаме до офшор компанијата од Кипар, од каде почнува одмотувањето на ова бизнис-енергетско клопче. Од офшор структурата на Кипар е компанијата „Altaria Research Limited“, која води до „Rudnap Group“, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаревиќ“ рече на прес-конференција Јон Фрчкоски – член на Извршниот одбор на СДСМ.
Тој вели „Фокусот е бизнисот со струја, а како што ќе откриеме и други бизниси кои индиректно се поврзани со струјата. Врската со Владата на Мицкоски е директна. Тука Мицкоски има уште еден свој човек – министерката за енергетика Сања Божиновска, која се поврзува директно со „Руднап“. Била извршен директор во „Руднап Груп“ и управител во „Руднап ДООЕЛ Скопје“. Кругот меѓу бизнис интересите во енергетиката и политичките позиции се заокружува и со поставување на други луѓе на клучни функции“.
„Во Развојната банка Мицкоски ја назначува сопругата на неговиот партнер во хидроцентралите, Ефимија Димовска. За секој бизнис потребна е банка. Во РЕК Битола, најголемиот производител на струја, директор станува Иван Куковски – близок до семејството на Мицкоски и поранешен советник на Божиновска. Зошто е важен РЕК? Бидејќи кога се произведува помалку струја, Македонија мора да увезува скапа струја од надвор. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува со откривање на оваа бизнис мрежа. Следуваат нови сегменти за врските во Србија, Чешка и Австрија“ вели Фрчкоски.
Според него, „во Србија се отвора нова линија: Адамовиќ е партнер со „Руднап“, каде сопственик е Војин Лазаревиќ. „Руднап“ е исто така партнер со „Ал Дахра“, компанија која се поврзува со проектот „Белград на вода“. За таков сличен проект „Скопје на вода“ се зборуваше во Македонија. Но за овој сегмент од мрежата ќе откриваме понатаму. Оваа мрежа допрва ќе се одмотува. Дали сега е јасно зошто на ВМРО-ОКГ им смета кога ги споменуваме СНС и Вучиќ?“.






