Две нови авиолинии од Охрид – од денеска ќе се лета до Братислава, од 29 март до Милано
Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид се воведуваат две нови авиолинии – до Братислава и до Милано.

Како што информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, летот до Братислава е достапен веднаш, односно почнува од денеска, а летот од Охрид до Милано ќе почне да се реализира од 29 март.
„Од денеска 17 март, граѓаните директно можат да летаат од аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид до Братислава. Веќе од 29 март воведуваме уште една линија од охридскиот аеродром директно до Милано. Овие авиолинии значат нови туристи во Охрид и повеќе можности за зајакнување на економијата“,пишува Николоски во објава на Фејсбук.
Министерот додава дека Владата и Министерството за транспорт остануваат посветени кон унапредување на авиосообраќајот со цел поголем развој и поврзување на земјава со големите центри.






