СДСМ: Со Ацо Ристов во РКЕ, Мицкоски ја шири својата бизнис-мрежа

Своите луѓе Мицкоски ги става во клучните институции, а сега и во Регулаторната комисија за енергетика – телото кое директно одлучува за цената на струјата што ја плаќаат граѓаните, како и за цената на горивата – велат од СДСМ откако собраниската Комисија за избори и именувања го предложи Ацо Ристов за нов претседател на РКЕ.

Седиштето на СДСМ во Скопје / Фото: Архива

„Бизнис-мрежата на Мицкоски во енергетиката се шири со нова алка. Поранешниот градоначалник од ВМРО, Ацо Ристов, чија сопруга Данка Ристова е избрана за членка на Судскиот совет, е предлог за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика. И Ристов, како Мицкоски, имал бизнис со хидроцентрали“,велат од опозициската партија.

Ова, според СДСМ, е уште една алка во синџирот што веќе е разоткриен.

 

 

 

 

 

„Почнувајќи од Адамовиќ, функционер на СНС, преку офшор структурите на Кипар и компаниите поврзани со енергетскиот бизнис, поврзаноста со ‘Руднап’, РЕК ‘Битола’, Развојната банка, Божиновска… Сега во РКЕ. Сега Мицкоски има свои луѓе од почеток до крај – од производство и увоз на струја, до продажба и банкарство. Кога граѓаните ќе видат денеска високи цени на горивата, нека се сетат на бизнис-мрежата на Мицкоски. Кога ќе видат висока сметка за струја – тоа е позадината. А ако треба некој да одговара, е за тоа тука се судиите за да го спречат“,додаваат од партијата.

Реакцијата на опозицискиот СДСМ следува откако собраниската Комисија за избори и именувања на денешната седница одлучи Ацо Ристов да биде предложен за нов претседател на РКЕ, по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски. Предлогот треба да биде изгласан на пленарна седница на Собранието.

Back to top button
Close