Левица го обвини Орце Ѓорѓиевски за ароганција и политички реваншизам

На чело на Град Скопје, преку градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се отелотворува опасната комбинација од ароганција и политички реваншизам, својствена на ВМРО-ДПМНЕ. Опиен од привилегиите на функцијата, наместо да управува со градот, демонстрира тотална политичка одмаздољубивост, ароганција, злонамерност и политички реваншизам, реагира политичката партија Левица.
„Фактот дека наш политички активист, кој 18 години работел во ЈСП, беше избркан од работа врз основа на политичка дискриминација, говори доволно. Орце Ѓорѓиевски не е способен да го води градот, туку единствено да се пресметува со политички неистомисленици.Но, уште поголем проблем од реваншизмот е неспособноста.Неспособност да се води град, да се решат проблемите на граѓаните и неспособност да се одржи основната функционалност на јавните претпријатија. Ова не е изолиран случај – ова е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, институциите се претвораат во партиски штабови, а јавните претпријатија се уништуваат без милост.
ЈСП е најголемата жртва на ова криминално и неспособно владеење. ЈСП не е само уништен, туку е системски закопан, девалвиран и завиен во црно – оставен да пропадне за да се отвори простор за бизнис-зделки на грбот на граѓаните.Круна на оваа катастрофа е штетниот договор со „Маратон”, потпишан од Игор Јанушев – договор кој е симбол на грабежот, нетранспарентноста и клиентелизмот. Ова е континуитетот од кој влече Орце Ѓорѓиевски. Како и сега, така и претходно, ВМРО-ДПМНЕ го уништувал главниот град систематски. И секогаш последиците ги плаќаат граѓаните – со нефункционален превоз, со уништени претпријатија, со лоши јавни услуги и со град заложник на една отуѓена криминална партија, како најголем непријател на Скопје“, обвинуваат од Левица.
Според партијата ВМРО-ДПМНЕ четири години ја блокираше набавката на нови автобуси, а сегашната власт сè уште не обезбедува нови автобуси.
„Тоа е затоа што на нив им е најмал приоритет она што на обичниот граѓанин му е најважно во секојдневието. Јавниот превоз ќе остане девастиран сè додека ВМРО-ДПМНЕ остане на власт во градот.Токму ВМРО-ДПМНЕ ги има преплавено институциите со партиски кадри, роднини, донатори и партиски послушници. Нема стручност и компетентност – само партиска контрола. Проблемот е Орце Ѓорѓиевски, кој се занимава со политички реваншизам, а веќе дава ужасни резултати во својот мандат со неговата неспособност, политика на одмазда и партиска слепост. Проблемот е ВМРО-ДПМНЕ – партија која 35 години системски ја уништува државата, ги распродава институциите и ја претвора јавната власт во приватен бизнис’, оценуваат од Левица најавувајќи дека како партија ќе бидат најголемиот противник на ова корозивно владеење.






