„Кога се оттурнуваат професионалци, а се туркаат погодни решенија, довербата кај граѓаните ќе продолжи да паѓа“. Зајкова за отфрлањето на Ристова за државен обвинител

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, во обраќање до јавноста оцени дека изборот на нов јавен обвинител не е само кадровско прашање, туку клучен тест за тоа дали државата конечно ќе обезбеди вистинска правда или ќе продолжи практиката на селективност.

Таа посочи дека со години се води иста дебата за правосудството, без суштински промени, и ја критикуваше постапката во која прво се избира обвинител, а потоа се менуваат законските решенија.

„Ова е избор кој значи тест за институциите и за тоа дали конечно ќе имаме вистинска правда или ќе продолжи селективната правда“, истакна Зајкова.

Според неа, иако формално процедурите биле испочитувани, суштинскиот впечаток е дека Владата ја има клучната улога во изборот.

„Повторно се создаде впечаток дека политиката има последен збор таму каде што треба да владее правото“, рече Зајкова.

Таа го посочи и случајот со обвинителката Ленче Ристоска, за која оцени дека била оттурната и покрај нејзиниот кредибилитет.

„Кога се оттурнуваат професионалци, а се туркаат погодни решенија, довербата кај граѓаните ќе продолжи да паѓа“, додаде таа.

Зајкова нагласи дека проблемот не е во поединечни имиња, туку во системот на избор кој, според неа, секогаш остава простор за сомнеж за политичко влијание.

Во своето обраќање таа упати порака и до новиот јавен обвинител, Ненад Савески, оценувајќи дека пред него стои голема одговорност.

„Не е доволно да сте добар правник, потребна е храброст – да се оттурне политиката од обвинителството, да се отворат предмети што со години стоеле затворени и да се покаже дека законот важи за сите“, истакна Зајкова.

Таа порача дека граѓаните не бараат совршен обвинител, туку праведен и независен.

„Имате шанса да ја вратите довербата и да покажете дека правдата не е мртва. Или ќе ја ослободите правдата, или ќе останете соучесник“, рече Зајкова.

Воедно, таа упати порака и до власта да не се меша во правосудството.

„Правдата не е ваша алатка. Институциите не се партиски продолжетоци и секое вмешување ќе биде препознаено и осудено“, нагласи таа.

Back to top button
Close