Зајкова: Знаеме дека ќе кажат дека законот за електронска нараквица не е применлив, но веќе се спроведува во БиХ
„Вчера по вторпат, собраниското мнозинство покажа дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените. Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците, мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи вистинска заштита“, изјави денеска претседателката на Либерално-демократска партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова во реакција на прес конференција на пратеничка Жаклина Пешевска, се вели во соопштението од ЛДП што МИА го пренесува интегрално.

Зајкова вели дека ова не е само политичка одлука туку директна одговорност, затоа што кога пратениците имаат можност да спречат насилство, а свесно одбираат да не го направат тоа – стануваат соучесници во секој следен напад и во секоја следна жртва.
Претседателката на ЛДП додава дека предлогот за воведување на електронска нараквица не е нов, беше поднесен уште минатата година, но и тогаш истото сценарио: молк, игнорирање, одбивање.
„А што добивме од тогаш до денес? Црни биланси, жени жртви, скршени животи. И изгубени животи. И после сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Вчера најавија дека ќе дадат објаснување. Какво објаснување може да се даде после една година молк и повторно молк? Ќе речат законот не е применлив. Еве одговор: применлив е. Се применува на федерално ниво во Босна и Херцеговина. Ќе речат треба да се менуваат други закони. Да, треба да се усогласи Кривичниот законик. Но тоа не е пречка. Една година усогласуваат други закони со нивниот Закон за Влада, зошто да не може и овој. Ќе речат нема услови. Има. Алките од системот за пробација им стојат во депо. Ќе речат нема пари. Не се работи за пари. Се работи за волја. Ќе речат треба повеќе време. Не, не треба. Една година помина од молкот по претходниот предлог. Една година молчат додека билтените се полнеа со жртви, додека изразуваат жалење за убиени жени и повторно да не направат ништо“, изјави Зајкова во Собранието и додава дека е доста од лицемерие и празни говори.
Зајкова дополнува дека жените не се бројки, не се проценти и жените не се тема за политички маркетинг.
„Жените се животи. И тие животи вчера повторно, како пред една година, беа игнорирани. Ова повеќе не е само политичка борба, ова е морална одговорност. И бидејќи мнозинството повторно избра да стои на страната на молкот, ие нема да молчиме. ЛДП нема да се откаже. И ако треба по извесно време повторно ќе го доставиме предлогот. Ако пак проблемот е што предлогот доаѓа од нас, како и многу други предлози, еве и овој ќе им го дадеме, нека го поднесат тие, нека го препишат како свој, само нека не молчат, затоа што молкот веќе однесе премногу животи“, заклучува Зајкова, посочувајќи дека за секој следен случај мнозинството во парламентот ќе ја носи истата одговорност, затоа што тие можеле да спречат, а одбрале да молчат.






