Руски борбен авион го наруши воздушниот простор на Естонија

Естонската војска денеска извести за нов инцидент во кој руски борбен авион од типот „Сухој Су-30“ неовластено навлегол во воздушниот простор на Естонија во близина на островот Ваиндло во Балтичкото Море, што предизвика итна реакција на воздухопловните сили на НАТО.
Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахкна, потврди дека италијанските воздухопловни сили, кои во моментов го обезбедуваат балтичкото небо, веднаш реагирале на повредата која траела околу една минута. Тој додаде дека безбедноста на земјата не била загрозена, но Министерството за надворешни работи веднаш го повикало вршителот на должност во руската амбасада за да му врачи протестна нота.
Премиерот Кристен Михал преку платформата „Икс“ порача дека рускиот модел на однесување останува непроменет, нагласувајќи дека заштитата на НАТО функционира беспрекорно и дека воздушниот простор се следи и брани во секое време.
Овој инцидент следува по серијата слични прекршувања минатата година, вклучувајќи го и упадот на три руски авиони во септември, кога Естонија побара итна седница на Советот за безбедност на ОН и консултации по Членот 4 од договорот на НАТО. Бидејќи Естонија, Летонија и Литванија немаат сопствени борбени авиони, нивниот воздушен простор од 2004 година го обезбедуваат сојузниците на НАТО на ротациона основа.





