Еден од најдобрите фудбалери на Иран е исфрлен од репрезентацијата
Еден од најпознатите ирански фудбалери, Сардар Азмун, е отстранет од националниот тим по потег што властите го протолкувале како нелојалност, пренесуваат иранските медиуми.

Со ваквата одлука, неговото учество на претстојното Светско првенство станува крајно неизвесно. Воедно, под знак прашалник е и настапот на Иран на турнирот, поради заострените односи со САД.
Азмун, кој настапува во Обединетите Арапски Емирати за клубот Шабаб Ал-Ахли, ги налутил властите откако на социјалните мрежи објавил фотографија од средба со владетелот на Дубаи, Мохамед бин Рашид Ал Мактум.
Тензиите дополнително се зголемија по неодамнешните ракетни и беспилотни напади што Иран ги изведе врз Обединетите Арапски Емирати, по претходните воздушни удари на САД и Израел во кои беше убиен врховниот лидер Ајатолах Али Хамнеи.
Новинската агенција „Фар3с, блиска до тврдокорните кругови во Револуционерната гарда, повикувајќи се на извор од репрезентацијата, потврди дека Азмун е отстранет од тимот. Иако фудбалерот подоцна ги избришал спорните фотографии, во четвртокот беше жестоко критикуван и на државната телевизија.
Фудбалскиот аналитичар Мохамад Мисаги остро го осуди неговото однесување, оценувајќи го како недостојно за репрезентативец.
„Жално е што не покажувате доволно разум да процените какво однесување е соодветно во ваков момент“, изјави тој, додавајќи дека ваквите постапки не заслужуваат разбирање и дека дресот на репрезентацијата треба да го носат само оние кои со гордост ја претставуваат својата земја.
Од Фудбалскиот сојуз на Иран засега нема официјален коментар за целиот случај






