Слушајќи го Уставниот суд, му симнувам капа на коњот!
Мерсел Биљали
Лошиот систем води кон колективно страдање. Се страда поради оброк што не е изеден, поради лек што не е купен, поради куќа што не е изградена, поради живот што не е спасен, и поради многу други „поради“!

Излегувајќи од авионот, Трамп рече: „Држам документ потпишан од г-дин Путин, ќе има мир во наше време“. Слично на 30 септември 1938 година, кога тогашниот британски премиер Чемберлен прогласи „мир за нашето време“ додека држеше копје од Минхенскиот договор, со кој се одобри анексија на Судетската област од Германија. Помалку од една година, започна најкрвавата војна во човечката историја. Точно по 87 години, само околу километар подалеку, се одржуваше Минхенската безбедносна конференција (2025), каде што американскиот потпретседател Џ.Д. Венс со агресивен тон стави до знаење дека САД очекуваат Европа „сама да се грижи за својата одбрана“. И дека „САД не би ризикувале војна за град како Нарва“! „Веќе не знаеме што браниме на овој свет. А што браните вие?“, праша тој, уживајќи во збунетите погледи на своите европски сојузници. Според него, најголемата закана за Европа не е Русија, туку европските фундаментални вредности, фрлајќи кал и врз НАТО! По само една година, Москва и Пекинг неволно одговараат на телефон додека Трамп беспомошно бара нивна помош. Пример дека не можеме да го избереме времето кога ќе нè посети несреќата. Нема поголема осаменост од кога си меѓу партнери, а никој не те слуша.
Светот веќе се соочува со најопасните воени и економски предизвици од Втората светска војна. Пандемијата, војната во Украина, Газа, а сега и Персискиот Залив, се крајно опасни предизвици за целото човештво. Светот веќе се соочува со недостаток на мир, храна, енергија, но и разум. Лари Финк од „БлекРок“, една од најголемите компании во светот (12 трилиони долари), вели дека веќе имаме големо нарушување во економските компоненти што го поврзуваат светот. Цените на енергијата се закануваат да ја нарушат глобалната економија, оти регионот на Персискиот Залив и Русија се главните извори на нафта и гас во светот.
Во својот извештај за пазарот на нафта за март 2026 година, IEA (Меѓународната агенција за енергија) предупредува дека протокот на сурова нафта и рафинирани нафтени деривати низ Ормутскиот теснец е намален за околу 20 милиони барели дневно. Ова ги принуди сите производители во Персискиот Залив да го запрат производството бидејќи резервоарите за складирање се полни, а извозот е блокиран. Доколку конфликтот продолжи, се очекува цената на нафтата да скокне на 200 долари за барел!
А ние не сме од тука!
Нашата власт се однесува како да е од друга планета. Наместо да балансира меѓу сите постојни општествени и политички чинители, таа продолжува со гол попуизам и евтино политиканство. Неправдата и корупцијата не се само лошо управување, туку многу повеќе од тоа. Тие убиваат луѓе, заедници, семејства, а најмногу деца. Ги лишуваат децата од добро образование, болните од лекарите, работниците од пристојни работни места во својата земја, а семејствата од безбедни домови. Тие ја убиваат љубовта, растураат семејства, создаваат солзи, клетви и многу страдања. Се страда поради оброк што не е изеден, поради лек што не е купен, поради дом што не е изграден, поради живот што не е спасен. И поради многу други „поради“! Едноставно, ништо не е добро во лош систем.
Бројни држави оправдано стравуваат од конфликти, бидејќи сега не постои меѓународен орган што може тоа да го спречи. Прашање за милион долари дали НАТО е сè уште тоа?! На малите држави потребна им е опуштена комуникација со соседите и внатрешна кохезија, наместо евтина партиска деструктивна мегафонија, која со здодевна музика води кон жалопојка. Но, некои луѓе се чини дека уживаат во дружењето со ѓаволот, а тој знае само за пеколот! Никако да престануваме да бидеме горди на работи од кои нормалниот свет се срами!
Првото нешто што треба да се направи е да се избалансираат односите со Бугарија, вклучително и уставните измени, оти сега денешниот ден не гарантира утре. Време е да престанеме да го третираме ова прашање како гладијаторска борба за живот или смрт. Бевме втора најразвиена земја меѓу 19-те поранешни социјалистички земји, но поради криминалната приватизација и недостатокот на државен капацитет, останавме последни. А според некои, дури и безнадежни. Се гордеевме со лажна историја, а лажното минато ја убива вистинската иднина.
Лудилото бега од паметните Кинези!
Во секој случај, војните ќе завршат. Повторно ќе се соочиме со пресметки, споредби, последици кои ќе бидат подобри од утре а полоши од вчера. На Кинезите им беа потребни само осум години за да го изградат најдолгиот мост во светот (55 км), кој ги поврзува Хонг Конг со Макао и главниот град Жухаи. За помалку од три години, во кинеската покраина Гуиџоу беше изграден највисокиот мост во светот „Хуаџијанг“ над Големиот Кањон на надморска височина од 1.100 метри и долг 2.890 метри. Тој мост го скрати патувањето од 70 минути на само две минути, плус што е нова светска туристичка атракција. А ние градиме цели 10 години само 1,5 км автопат од косовска граница. Автопатот Кичево – Охрид оправдано заслужува спомен плоча поради космичкото време и астрономската цена!
Земјоделското производство на Кина е најголемо во светот, иако само 15% од нејзиното земјиште е обработливо. Таквото земјиште во Кина, кое сочинува само 10% од вкупното обработливо земјиште во светот, храни над 22% од светското население. Од 1.400.000 км² обработливо земјиште, само околу 8,2% (116.580 км²) може трајно да се обработува, а преостанатите 525.800 км² се адаптираат со помош на најсовремени технологии. А ние брутално уништуваме плодно земјиште. Во 1990 година, Кина имаше речиси три пати помалку земјоделски приход по глава на жител од Македонија, а минатата година имаше 5,3 пати повеќе по глава на жител од нас.
Кинеските експерти за економски развој беа на Западен Балкан непосредно пред пандемијата. Тие беа воодушевени од нашите природни ресурси, особено регионите Тиквеш и Овче Поле, комбинацијата од Полог и Шар Планина, Маврово, Охрид итн. „Бог бил исклучително дарежлив овде кај вас, но човечкиот фактор е исклучително обесхрабрувачки“ – кажа тие.
Европски експерти велат дека за околу десет години нашата јавна и државна администрација нема да има потреба од повеќе од 50 илјади луѓе. Ова значи дека за преостанатите 90 илјади се потребни проекти за нивно вклучување во економијата, во квалитетно производство на храна, во земјоделство, модерни фарми, рурален и планински туризам, бројни услуги итн. Ова веќе е започнато во бројни европски земји.
За жал, сè уште немаме ниту елементарни предуслови за одржлив развој – либерализација, иницијативност, систем на заслуги, образование, административна ефикасност, департизација итн. Во нашата земја, клучните институции ги водат маргинални партиски лаици, кои во нормален свет не би можеле ниту да бидат ноќни чувари на овие институции. Таквата нивна партиски лична среќа создава голема колективна несреќа.
За жал во ваква група припаѓа и себичната МАНУ, која за пари понизно фали секоја власт, бистри политиканство. Истрошени старци кои освен плати, пензии примат и огромни паушали, додека младиот свет талка по Европа за голо преживување. „Примаат паушали за да пофалат будали“ – вели еден мој колега. Во здрави и нормални општества тоа го нема. Јавните пари треба да се заработуваат, а не да се подаруваат. Тие пари треба да се пренасочат за вистинска наука, која би вклучувала способни млади луѓе избрани според елитни научни трудови објавени во списанија од Scopus, Web of Science итн. Колку има морал во нив се гледа и по иницијативи пред Уставен суд против Законот за јазиците, кај што 34 лица иницијатори имаат букви „Проф. Др“. Како тие професори молчат за криминал, за незнаење, за партизација, за злоупотреби на тендери, за распродажба на општ имот. А толку гласни против јазикот на другиот! Но, слушајќи ги овие од Уставниот суд, симнувам капа на коњот!






