Цеков: Ако сме трета економија во Европа, зошто да не сме прва држава на Балканот според висината на минималната плата

Пратеникот на движењето ЗНАМ, Миле Цеков, кој спротивно на владејачкото мнозинство го поддржа предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра, во гостување во „Дневникот“ на Сител истакна дека прашањето за минималната плата е прашање на достоинство и на тоа каква држава сакаме да бидеме.

Дополнително потенцираше дека, ако се направи регионална споредба, факт е дека Македонија има најниска минимална плата во регионот.

„Ако сме трета економија во Европа, тогаш зошто да не бидеме прва држава на Балканот според висината на минималната плата?“, рече Цеков.

Тој посочи дека државата треба да биде активен учесник во трипартитниот социјален дијалог и да помогне во порастот на платите, а не, како што рече, да остави посилниот да се договара со послабиот.

„Има уште еден аргумент којшто го слушнав од Стопанската комора и е јасен, доколку државата ги покрие и субвенционира придонесите, тие се согласни платите да се зголемат на 600 евра за одреден временски период. Дополнително, според трошоците за живот и животниот стандард, кои се значително пониски во споредба со Европската Унија, а врз кои дополнително влијаат и глобалните енергетски шокови поврзани со војните, сметам дека државата треба да помогне во овие најтешки моменти“, истакна Цеков.

Во однос на инфлацијата, Цеков потенцираше дека официјалните бројки не ја отсликуваат реалноста кај граѓаните со најниски примања: „Ние на годишно ниво ја завршивме инфлацијата на 4,1%, меѓутоа за граѓаните што примаат минимална плата реалната инфлација е многу повисока. Оние семејства што целата плата ја трошат на храна и сметки, ќе го почувствуваат растот на цените како сериозен удар.“

Како дополнителен аргумент, тој ја посочи неформалната економија: „Сведоци сме дека вработените во приватниот сектор се осигурени и пријавени на минимална плата, а остатокот го земаат ’во плик‘. Тука најголем губитник е државата, но губитник е и самиот работник.

Цеков порача дека фокусот на Владата треба да биде исклучиво насочен кон заштита на животниот стандард и на најранливите категории во општеството.

Во однос на мерката за намалување на цената на бензинот, Цеков рече: Секоја мерка е добредојдена, но сметам дека можеби требаше малку порано Регулаторната комисија да го смени правилникот во однос на цените.

Back to top button
Close