6400 активни фирми работат без фискални апарати. УЈП во контрола.

Како дел од активностите за сузбивање на сивата економија, Управата за јавни приходи (УЈП) започнува засилена акција насочена кон деловните субјекти кои работат надвор од фискалниот систем. Согласно нивната официјална евиденција, дури 6 451 даночен обврзник кој е деловно активен и има вработени, воопшто не поседува регистриран фискален систем.

Претежно, станува збор за бизниси во сферата на трговијата на големо и мало, подготовка и служење храна, туристичките агенции, како и правните и сметководствените дејности каде редовно се работи со готовина. Од УЈП велат дека сомнежите за избегнување на даночните обврски се уште поголеми ако се земе предвид фактот дека 3 115 од овие субјекти се регистрирани и за целите на ДДВ, што е јасен индикатор за редовна деловна активност.

УЈП има детектирано дополнителни 13 966 даночни обврзници во истите дејности кои исто така немаат фискални уреди и информираат дека за оваа група ќе следуваат детални теренски проверки, вкрстување на податоците и активирање на други контролни механизми за да се утврди дали овие фирми реално остваруваат скриен промет без да плаќаат даноци кон државата.

„Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки согласно закон“, велат од УЈП.

Од УЈП се децидни дека непочитувањето на Законот за регистрирање на готовинските плаќања ќе биде строго санкционирано и дека дооколку се утврди оти субјектите вршат дејност и намерно го кријат прометот, покрај високите прекршочни глоби и мерката запечатување на објектите, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки.

„Ги повикуваме сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовинско плаќање, а немаат воведено и регистрирано фискален систем на опрема, да преземат итни активности за доброволна усогласеност и да извршат набавка, инсталација и регистрација на фискален апарат преку овластен оператор и согласно постапката утврдена од Управата за јавни приходи. Ќе го следиме усогласувањето и ќе преземеме мерки во насока на целосно и задолжително исполнување на законските обврски“, изјавија од УЈП.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close