Четврти инцидент со ирански ракети во Турција за еден месец
Балистичка ракета лансирана од Иран навлегла во турскиот воздушен простор пред да биде пресретната од воздушно-ракетните одбранбени сили на НАТО распоредени во источниот дел на Средоземното Море, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.
Министерството наведе дека се преземаат сите неопходни мерки одлучно и без двоумење против секоја закана насочена кон турската територија и воздушен простор.
Инцидентот е четврти ваков од почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран, по три претходни пресретнувања со системи на НАТО претходно овој месец, поради кои Анкара упати протест и го предупреди Техеран. Техеран во претходните три случаи негираше дека одобрил вакви лансирања и побара од Анкара формирање заедничка истрага.
Ракети истрелани од Иран беа соборени над Хатај на 4 март и над Газиантеп на 9 март. Третата ракета беше пресретната на 13 март, при што турското Министерство за национална одбрана соопшти дека ја „неутрализирале елементи на воздушната и ракетната одбрана на НАТО распоредени во источниот Медитеран“, без да прецизира локација, потсетува „Хаберелер“.






