Шпанија повеќе не дозволува прелети преку нивна територија на авиони кои го напаѓаат Иран

Шпанија го затвори својот воздушен простор за летови поврзани со операцијата „Епски бес“, воена акција на САД и Израел против Иран, објави весникот El País, повикувајќи се на воени извори.

Одлуката значи дека Мадрид не само што забранува користење на базите Рота и Морон за борбени и танкер-авиони, туку и не дозволува прелет на американски воени летала кои учествуваат во операцијата, дури и ако полетуваат од други европски земји.

Премиерот Педро Санчез најави ваков чекор уште минатата недела, оценувајќи ја војната како „нелегална“ и нагласувајќи дека Шпанија нема да учествува ниту индиректно во неа.

„Сите планови за летови поврзани со операцијата во Иран се одбиени, вклучително и оние за дополнување гориво“, изјави Санчез.

Исклучок ќе има само за итни случаи, кога ќе се дозволи транзит или слетување.

И покрај забраната, одредени активности во рамки на билатералните договори со Вашингтон остануваат, особено логистичката поддршка за американските сили во Европа. Сепак, клучните офанзивни операции се директно погодени.

Од воен аспект, ваквиот потег ја комплицира операцијата, бидејќи базите во Шпанија се важни за брз пристап и дополнување гориво над Атлантикот. Без нив, американските авиони мора да користат подолги и покомплицирани рути, што го зголемува ризикот и времетраењето на мисиите.

Одлуката на Мадрид претставува сериозен сигнал за поделбите меѓу западните сојузници околу конфликтот и дополнително ја усложнува динамиката на воените операции на Блискиот Исток

Back to top button
Close