Полицијата влезе во Ректоратот на Универзитетот во Белград како дел од истрагата за смртта на 25-годишна девојка
– Вишото јавно обвинителство во Белград денеска соопшти дека побарало од полицијата да влезе во Ректоратот на Универзитетот во Белград и да ги заплени серверите и другите уреди и опрема на кои се чуваат снимки од надзорните камери во таа зграда, посебно снимките од камерата на влезната врата во Ректоратот и вратата што води од него кон Филозофскиот факултет.

Обвинителството во соопштението наведува дека станува збор за ново барање до Управата за криминалистичка полиција (УКП) за собирање на потребните информации за утврдување на фактите и околностите во тековната предистражната постапка, што се води по настанот од 26 март на Филозофскиот факултет, откако пред факултетот беше пронајдено тело на 25-годишна девојка.
Полицијата го ограничи влезот во Ректоратот, а на ректорот Владан Ѓокиќ му беше издадена наредба од судот во неговата канцеларија полицијата да изврши претрес на таа високообразовна институција како дел од истрагата.
Според белградски медиуми, од досегашните извештаи собрани од лицата испрашани во својство на граѓани, тие снимки би можеле да бидат доказ во насока на утврдување дали жртвата влегла во Филозофскиот факултет преку Ректоратот на критичниот ден, дали влегла сама, со некого, дали носела нешто со себе.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, денеска изјави дека сите страни треба да се воздржат од политизирање и инструментализирање на смртта на студентката на Филозофскиот факултет во Белград, повикувајќи ги медиумите да покажат почит во случај на таа трагедија.






