Апасиев за Савески: Како иста глава да имаат со Мицкоски, за два дена направи „вмроизација“ на Обвинителството

 

Новиот државен јавен обвинител се покажа како латентно вмровско кадарче. Иако на почетокот настапи со одредени квази-манири, за само 24 часа се покажа дека размислува идентично како Мицкоски. Сè што Мицкоски изјави од говорница, обвинителот го спроведе во рок од еден ден, изјави лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Апасиев критикува дека Савески ја отстранил обвинителката Алексова-Трајчевска, која според него била една од ретките квалитетни обвинители и која ги уапсила началниците и полицајците осомничени за кобната ноќ во Кочани.

Дополнително, според Апасиев, Савески ја отфрлил претставката на обвинителката Ленче Ристоска и најавил нејзино разрешување.

– Ристоска е една од најквалитетните обвинители во државата. Ова се прави намерно за да застарат предметите „Талир 1“ и „Талир 2“. Дури и Мицкоски да беше обвинител, ќе речеше дека ова е премногу за два дена. Ова што се случува е ненормално и нема никаква логика, освен партиска. Луѓето што се избираат на ваков начин, често и без директни барања, од чувство на долг се додворуваат. Ова претставува отворена „вмроизација“ на Обвинителството. На голема врата се враќаат луѓе од тефтерчињата. Ни претстои лоша клима – изјави Апасиев во емисијата „Аргумент плус“.

Back to top button
Close