Софија потврди дека Техеран преку дипломатска нота предупредил да не се дозволи користење на бугарските аеродроми за напади врз Иран
Бугарското Министерство за надворешни работи потврди дека Иран минатиот месец испратил дипломатска нота до Бугарија, како членка на НАТО, со предупредување да не им дозволува на САД користење на своите аеродроми за авиони кои учествуваат во воените операции против иранската територија.

Информацијата стана јавна откако пратеникот Станислав Балабанов објави нота датирана од 18 март, во која иранската влада протестира поради присуството на американски авиони-цистерни на софискиот аеродром „Васил Левски“. Во документот Иран нагласува дека „го задржува правото да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на својот суверенитет, безбедност и национални интереси во согласност со меѓународното право“.
Според иранското соопштение, и покрај тврдењата на Софија дека се работи за воени вежби, 12-те американски авиони се користат за поддршка и дополнување гориво на бомбардерите во „заедничката американско-ционистичка агресија врз Иран“.
Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија Марин Рајков ја потврди автентичноста на нотата, но истакна дека нема причина за загриженост или паника во јавноста. Тој подвлече дека Бугарија одржува нормални дипломатски односи со Техеран и дека земјата не е вклучена во војната.- Ниту еден борбен авион не ја користи Бугарија за учество во воени операции, ниту пак се врши полнење гориво за мисии поврзани со судирите. Авионите присутни на аеродромот ’Васил Левски‘ се дел од планирани активности за распоредување и обука на НАТО, а самата Алијанса не е ангажирана во воени дејствија – изјави Рајков, додавајќи дека бугарскиот Парламент нема донесено никаква одлука за учество во овој конфликт.
Ова предупредување доаѓа во време на сериозен дипломатски пресврт во Европа. Додека војната во Иран влегува во вториот месец, клучните европски држави почнаа отворено да ја блокираат воената логистика на Вашингтон. Шпанија го затвори својот воздушен простор за американските авиони вклучени во операциите, Италија забрани слетување на стратешки бомбардери, додека Франција одби прелет на авиони со воена опрема за Израел. Истовремено, Полска го одби барањето на САД за испраќање на системите „Патриот“ на Блискиот Исток.
Ваквите потези на европските сојузници, кои се повикуваат на меѓународното право и страв од поширока дестабилизација, укажуваат на длабок раскол меѓу Вашингтон и дел од Европа во однос на агресивната реторика и воените цели на администрацијата на Доналд Трамп.






