Претседателката го прими Извештајот на ЕК: Државата препознаена како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија амбасадорот Михалис Рокас кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот за 2026 година. Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, тие се согласиле дека се постигнати очигледни конкретни резултати.
– Обајцата го поздравија препознавањето на државата како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан. Амбасадорот Рокас укажа на идентификуваните слабости и на потребата од засилени реформи во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата – се вели во соопштението.
Според Сиљановска-Давкова, зголеменото ниво на подготвеност во поглавјата 10 (Дигитална трансформација и медиуми) и 26 (Образование и културa), како и регистрираниот напредок во науката и истражувањето и заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, сведочат за манифестиран и докажан институционален капацитет на државата во исполнувањето на европските стандарди.
Претседателката изразила очекување дека финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, ќе донесат видливи промени и напредок во Кластерот „Основи “.
Во рамките на своите уставни надлежности, Сиљановска-Давкова истакнала дека ќе продолжи да се однесува реформаторски придонесувајќи за јакнењето на демократијата.
– Претседателката потсети дека извештајот треба објективно да го прикажува реализирањето на Копенхашките критериуми, а не на наметнатите билатерални политички услови, спротивни на европските вредности и принципи утврдени во европските уставни акти. За неа, нашето изоставување од групата на земји предводнички во процесот на проширувањето не ја отсликува реалноста и испраќа негативни сигнали до македонската јавност – наведуваат од Кабинетот.
Оттаму додаваат дека Сиљановска-Давкова уште еднаш повикала на еднаков третман на сите земји-кандидатки во пристапниот процес. Според неа, потребни се политичка волја и поактивен ангажман на европските институции и земјите-членки за деблокада на македонскиот пат кон ЕУ.






