Приведен вработен во МВР: Во центарот на Скопје возел во спротивна насока и се заканувал на службеник

Вработен во Министерството за внатрешни работи е приведен во Скопје откако бил затекнат како управува возило во спротивна насока и агресивно се однесувал кон полициски службеник кој го запрел.

Инцидентот се случил на 1 април на крстосницата меѓу улиците „Јордан Мијалков“ и „Димче Мирчев“, каде полициски службеник вршел физичка регулација на сообраќајот. При контролата било запрено патничко возило „мерцедес“ управувано од С.Р. (45), кој, според информациите, се движел во спротивна насока и претекнувал колона возила.

Откако му бил побаран документ за идентификација, возачот се претставил како вработен во МВР и изјавил дека нема лична карта, по што започнал агресивно да се однесува и да му се заканува на полицискиот службеник.

Од страна на полицијата, лицето било лишено од слобода, а за случајот бил известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Против него се поднесени соодветни поднесоци за повеќе прекршоци, меѓу кои за прекршување на правилата во сообраќајот, нарушување на јавниот ред и мир и непоседување личен документ.

Back to top button
Close