Човек на Трамп поднесе оставка, сега бара: Запрете ја војната
Поранешниот директор на Националниот центар за борба против тероризмот Џо Кент, кој поднесе оставка поради војната со Иран, јавно го повика американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине конфликтот.

Кент реагираше по обраќањето на Трамп до нацијата, испраќајќи директна порака против продолжување на воените операции.
„Не им оддаваме почит на загинатите така што испраќаме уште наши најдобри мажи и жени во смрт на Блискиот Исток. Почит им оддаваме така што учиме од минатото и ја проливаме американската крв само во одбрана на нашата земја“, изјави Џо Кент.
Тој нагласи дека моментот за повлекување е сега.
„Најдобро време за излез од војна по избор е сега, пред да изгубиме уште животи“, изјави Џо Кент.
Кент ја напушти функцијата на 17 март, наведувајќи дека не може „во добра вера“ да продолжи да ја извршува должноста поради војната која, според него, била започната без одобрение од Конгресот.
Неговата оставка привлече значително внимание во Вашингтон, бидејќи станува збор за висок безбедносен функционер кој јавно се спротивстави на политиката на Белата куќа.
Во меѓувреме, расте бројот на критики кон стратегијата на администрацијата на Трамп, особено по најавите дека конфликтот би можел да трае уште неколку недели без јасен план за негово завршување.
Изјавите на Кент доаѓаат во период на зголемена загриженост кај дел од американската политичка сцена и меѓународните партнери, поради ризикот од понатамошна ескалација на конфликтот.






