Не ги прифаќам нападите дека законот за високо образование има престроги критериуми – вели Мицкоски
Не ги прифаќам нападите дека законот за високо образование има престроги критериуми, а притоа нема ниту еден универзитет во државата разгиран меѓу првите 2 500 најдобри на Шангајската листа. Ова во гостување во утринската емисија „Македонија наутро“, на МРТ 1 го изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека се разочарал од ставот на универзитетски професор кој во телевизиско гостување го напаѓал предложениот закон за високо образование.

„Искрен да бидам се разочарав, да не речам се шокирав. Во еден момент замислете тезата дека се премногу строги критериумите во новиот закон за високо образование за избор во знање. Зошто биле строги? Затоа што законот предвидува моите колеги да пишуваат научни трудови во списанија што се реномирани и дел од „Web of Science“ (Thomson Reuters) базата и тоа замислете за да бидете избран за редовен професор. Четири такви во рок од пет години и притоа вам државата да ви го надомести. И тоа било висок критериум“,рече Мицкоски.
Резултат на сегашната состојба, како што вели, е тоа што немаме ниту еден универзитет меѓу 2 500 најдобри на Шангајската листа или на друго релевантно рангирање, дури ни најреномираниот кај нас Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Некогаш, пак, според него, сме биле рамо до рамо со најдобрите универзитети.
„Порано ќе се согласев и ќе речев дека не се мотивирани, дека им се ниски примањата од 55 000 денари. Но, сега редовните професори имаат 110 000 или 120 денари плата. Значи некои 2 000 евра. Најчесто просекот на часови што ги држат е меѓу четири до осум часа неделно. Останатите денови се оставени на консултации со студентите“,вели тој.
Затоа, како што вели, сака да слушне легитимен аргумент за законот за високо образование, а не само да се зборува дека критериумите се високи.
„Тоа е како да кажете дека водата е мокра или во август најверојатно ќе биде топло. Приближно таква е тезата. Но, тоа не е теза и се додека ние не поработиме со ваков профил на луѓе, се плашам дека како образование нема да генерираме доволно квалитетен кадар, кој веднаш може да се соочи со предизвиците и притисоците, туку ќе мора да се доквалификува, преквалификува“кажа премиерот.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека се направени прилично многу промени во предлог-законот за високо образование за кои сметале дека се коректно предложени и кои можат да го подобрат текстот на законот.
Предлог-законот за високото образование, како и Законот за наука од понеделникот повторно се ставени на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), каде засегнатите страни ќе можат да извршат увид во нивната содржина.
За промените направени во законот за високо образование, Јаневска вели дека е прифатен предлогот за намалување на бројот на трудови за втор и за трет циклус студии, како и дека за општествено-хуманистичките науки релевантна да биде базата „Scopus“, иако не се исклучува „Web of science“.
„На пример, прифативме намалување на бројот на трудови за втор и трет циклус на студии. Намаливме еден член од Владата, иако не беше неопходно, иако не се согласуваме со тоа дека тоа ја нарушува автономијата во Советот на универзитетите. Дополнително, направивме многу други промени во однос на критериумите. На пример, прифативме за општествено-хуманистичките науки така како што бараа наставниците, да биде релевантна базата ‘Scopus’, не ја исклучивме ‘Web of science’, но тие инсистираа да биде ‘Scopus’. Ќе биде ‘Scopus’“,кажа таа.
Дополнително, како што рече таа, Националниот совет за високото образование ќе изработи друга база на списанија за објавување трудови, што, исто така, ќе се бодира при изборите на наставните кадри на универзитетите во повисоки звања.
„Значи, она што сметавме дека е коректно и дека не е злонамерно, сè е прифатено, и во овој момент наставниците имаат можност тоа да го видат. Исто така, направивме и во Законот за науката и мислам дека денес ќе биде (објавен на ЕНЕР н.з), веројатно малку подоцна, за некој час, и во Законот за квалитет во високото образование. Повторно ќе може сите засегнати страни да го погледнат законот“рече Јаневска.
Предлог-законот за високо образование, што треба да го замени актуелното законско решение, Јаневска го претстави на 6 февруари годинава. Дел до тогаш објавените новини предизвикаа реакции меѓу академската фела, но и од политичките партии од опозицијата, од кои дел бараа повлекување на новиот закон.
Таа во неколку наврати при јавни настапи кажа оти нема намера да го повлече законот, и оти тоа го бара мала група професори на кои, според неа, им е страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите што законот ги бара за напредок во академските звања





