Молдавија ја напушта Заедницата на независни држави
Парламентот на Молдавија, на предлог на Министерството за надворешни работи гласаше за откажување на Договорот за формирање и од Статутот на Заедницата на независни држави (ЗНД).
Молдавија се повлекува од ЗНД и ја обвинува Русија дека не ги почитува основните вредности и принципи – почитување на територијалниот интегритет и неповредливоста на постојните граници.
– Откажувањето на договорот за ЗНД е природно и неизбежно со оглед на тоа што Молдавија има за цел да стане членка на Европска Унија, се наведува во соопштението на молдавскиот Парламент.
Основниот договор на ЗНД и неговиот протокол беа потпишани во декември 1991 година од 11 поранешни советски републики.
Властите во Кишињев објавија дека напуштањето на ЗНД би значело заштеда во државниот буџет од околу 3,1 милиони леи (околу 62,8 милиони евра) годишно, колку што е годишниот придонес на Молдавија во ЗНД.
Молдавија најави дека со земјите-членки на ЗНД ќе одржува односи на билатерално и мултилатерално ниво и ќе остане дел од неколку договори, особено во економскиот, трговскиот и социјалниот сектор.
Во меѓувреме, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Кишињев не може еднострано да одлучи кои договори ќе ги примени и дека сите членки на ЗНД мора да ги одобрат сите конечни одлуки.
Откако Русија ја нападна Украина, Молдавија почна да ги разгледува договорите на ЗНД и се откажа од многу од нив. Според претходните парламентарни извештаи, од 283 договори, Молдавија веќе откажа 71 и разгледува 60.
Делегацијата на Европскиот парламент денеска ја заврши својата повеќедневна посета на Молдавија, во која беше оценета политичката и економската состојба, како и влијанието на помошта на ЕУ за таа земја-кандидатка за членство.
– Она што го видов на терен потврдува дека Молдавија вложува решителни напори на европскиот пат во предизвикувачки околности, истакна известувачот на Комитетот за надворешна политика на ЕП за Молдавија, Свен Миксер.
Тој ја повтори поддршката на ЕП за молдавскиот пат кон ЕУ и ги повика институциите и членките на Унијата да продолжат да обезбедуваат силна политичка, финансиска и техничка помош за Молдавија.






