Центар со нови сервиси за ментално здравје и млади во ризик

Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка на здруженија – даватели на социјални услуги, со цел воведување нови сервиси за ранливите категории граѓани и поддршка за младите.

Со повикот се опфатени програми насочени кон инклузија, заштита на менталното здравје и превенција кај младата популација.

Предвидени се индивидуализирани услуги со асистивна технологија за деца, млади и лица со попреченост, вклучително и аутизам, преку обезбедување пристап до компјутер и интернет.

Дополнително, ќе се поддржат програми за превенција и поддршка на млади во ризик од злоупотреба на дроги, со психо-социјална, психотерапевтска и психијатриска помош за нив и нивните семејства, како и активности за ресоцијализација.

Во рамки на повикот е предвидено и формирање центар за ментално здравје кај деца, со психо-социјална и дефектолошка поддршка, како и воведување на зелена социјална работа со еколошка перспектива.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за програми со силен фокус на еднакви можности.

„Општина Центар обезбедува социјална заштита за ранливите категории и создава стимулативни услови за развој на младите. Преку ваквите програми даваме поддршка и помош таму каде што е најпотребна“, порача Герасимовски.

Back to top button
Close