Војна во Иран: Дали „Епскиот гнев“ станува епски неуспех?

Дали Доналд Трамп се заглави? Пет недели трае војната што администрацијата на САД ја нарече „Epic Fury“ – во буквален превод „епски гнев“ – воена операција насочена против Иран. Но како што конфликтот се продолжува, американскиот претседател Доналд Трамп се наоѓа под сè поголем политички и стратешки притисок.

Фото: The Economist

Иако Иран претрпе значителни удари, земјата сè уште располага со капацитет да напаѓа објекти во Персискиот Залив или во Израел. Режимот во Техеран останува на власт, економијата на светско ниво трпи притисок поради блокираната стратешка поморска рута – Теснецот Ормус – а трошоците на САД растат во милијарди долари дневно. Воедно, мнозинството Американци ја одобруваат војната сè помалку, што се рефлектира и во падот на рејтингот на Трамп. Европа, пак, упорно одбива да се вклучи во воената операција. Некои критичари дури саркастично предлагаат операцијата „Epic Fury“ да се преименува во „Epic Fail“- „Епски неуспех“.

 

Трамп: Иран ќе биде „вратен во камено доба“

Во своето ноќно телевизиско обраќање, Трамп уверуваше дека крајот на војната е „близу“. Според него, американските сили се „на чекор од целосно исполнување“ на мисијата, а иранската морнарица, воздухопловство и ракетни капацитети наводно биле „во голема мера уништени“.

 

Тој повтори дека воената операција има за цел да спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Воедно тврдеше дека САД „во следните две до три недели“ ќе го нападнат Иран „многу жестоко“, дури и ќе го „бомбардираат во камено доба“.

Истовремено, Трамп тврдеше дека Техеран покажал „подготвеност за преговори“, иако иранските власти тоа категорично го негираат. Според нив, постојат само неформални и исклучиво технички контакти.

Реакциите беа брзи. Демократскиот сенатор Марк Ворнер изјави дека говорот не донел ништо ново ниту суштинско. „Сè уште нема план за обезбедување на иранскиот нуклеарен материјал, ракетните капацитети остануваат закана, а Теснецот Ормус е затворен,“ рече тој. Ворнер ја критикуваше и одлуката на администрацијата да ги ублажи санкциите за иранската нафта, со што, според него, „милијарди долари повторно течат кон истиот режим со кој сме во конфликт“.

 

Што ќе се случи со Ормускиот Теснец?

Трамп во говорот не понуди визија за иднината на стратешкиот теснец, кој е клучен за светските нафтени пазар. Само ден претходно тој ги нападна европските држави поради одбивањето да се вклучат во операцијата, порачувајќи: „Отидете во Ормус и земете си ја вашата нафта!“ – во објава на неговата платформа Truth Social.

 

Во говорот сепак делумно ја ублажи реториката. Иако тврдеше дека обезбедувањето на теснецот треба да биде примарно обврска на земјите што најмногу зависат од нафтата, тој додаде дека и САД би можеле да помогнат.

 

Но според Екхарт Верц, директор на Институтот за блискоисточни студии GIGA во Хамбург, стратегијата на Трамп останува нејасна. Тој укажува на парадоксот дека „единствената земја што моментно извезува нафта преку Ормускиот Теснец е самиот Иран“

Наместо да ја стабилизира ситуацијата, говорот на Трамп ги вознемири пазарите: цените на нафтата пораснаа веднаш по неговото обраќање.

 

Според Верц, постои реална опасност Иран да излезе стратегиски зајакнат од конфликтот — со преживеан режим кој ја контролира клучната транспортна рута, додека САД постепено се повлекуваат, оставајќи ги државите од Заливот самостојно да се справуваат со Техеран. Иран дури разгледува воведување „вид патарина“ за странски бродови, што би создало дополнителен економски притисок врз Европа и глобалната трговија.

 

„Промена на режим не беше цел“ – но дали навистина?

Во своето обраќање Трамп тврдеше дека смената на режимот во Иран „никогаш не била цел“. Истовремено, тој додаде дека таа „сепак се случила“, бидејќи „сите оригинални лидери“ биле убиени.

Но и покрај убиството на врховниот лидер Али Хаменеи, новата структура предводена од неговиот син Моџтаба Хаменеи останува цврсто на власт, дури и порадикализирана и со зајакната улога на Револуционерната гарда.

Во февруари, во екот на масовните протести, Трамп им порача на демонстрантите: „Продолжете! Помошта е на пат.“ Верц оценува дека тоа било празно ветување: „Трамп нема вистински интерес за демократизација во Иран или било каде, и би бил подготвен да склучи нов договор со актуелниот режим.“

 

Без споменување на НАТО

Пред говорот се очекуваше Трамп да ги разјасни заканите за можен американски излез од НАТО – изјава која ја даде за британски „Телеграф“, нарекувајќи го сојузот „хартиен тигар“.

И американскиот државен секретар Марко Рубио изрази незадоволство што европските сојузници не ја поддржаа американската операција во Иран, најавувајќи дека по конфликтот ќе следи „нова проценка“ на НАТО.

Но во говорот Трамп не ја спомена Алијансата ниту еднаш.

И практично, евентуален излез на САД би бил правно исклучително тежок. Конгресот уште во 2023 година донесе закон: за повлекување е потребна согласност од две третини од Сенатот или посебна резолуција на Конгресот — нешто што моментната политичка математика го прави речиси невозможно.(dw)

Back to top button
Close