Герасимовски: Пензионерките ги учат младите за традицијата пред Велигден

Пензионерки од „Активот на жени“ ги учеа седмодделенците во ООУ „Киро Глигоров“ за велигденските обичаи, фарбањето јајца и подготовките за празникот, во рамки на едукативно-креативна работилница што се одржа во пресрет на Велигден, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Работилницата е дел од поширок проект на општината за враќање на практичните вештини во образовниот процес, преку наставниот предмет домаќинство, со фокус на пренесување на традицијата и семејните вредности.

„Бев сведок на прекрасна атмосфера каде младите учеа од повозрасните за нашата богата традиција, во пресрет на Велигден. Радоста и ентузијазмот беа големи и кај учениците и кај нашите пензионерки. Ваквите проекти сплотуваат генерации. Повозрасните се чувствуваат корисни, а младите се запознаваат со обичаите“, рече Горан Герасимовски.

Општина Центар-Скопје веќе втора година го реализира проектот „Застапеност на своевремениот наставен предмет домаќинство во образовниот процес“, кој опфаќа ученици од седмите одделенија од сите општински основни училишта.

Преку овие активности, учениците заедно со пензионерките стекнуваат практични вештини како готвење, месење колачи, шиење, кроење, плетење и везење, како и уредување на домот.

Работилниците се одржуваат во сите осум основни училишта на територијата на општината, како и во Здружението на пензионери на Општина Центар.

Целта на проектот е учениците да ги прифатат и применуваат позитивните вредности што се дел од наставното градиво на изборниот предмет „Вештини на живеење“, со акцент на практична примена во секојдневниот живот.

Back to top button
Close