Тинекс го продаде Cosmo на српска фирма
Српскиот ланец парфимерии „Јасмин“ влегува на македонскиот пазар со преземање на продавниците „Космо“, кои досега беа во сопственост на компанијата „Тинекс-МТ“. Трансакцијата е официјално потврдена денеска, а сите четири продавници ќе продолжат да работат на постојните локации, но под новиот бренд „Јасмин парфимерија“.

Станува збор за продавниците во трговските центри Скопје сити мол, Ист гејт, Дајмонд мол и Зебра. Новиот сопственик најавува целосно реновирање на објектите во првите два месеци по преземањето, како и проширување на понудата со нови светски брендови на парфеми и козметика.
Од „Јасмин“ потврдуваат дека вработените во преземените продавници кои сакаат да го продолжат работниот ангажман ќе можат да останат на работа. Компанијата најавува и понатамошно ширење на бизнисот во Македонија.
„Продавниците ги преземаме заедно со луѓето кои ги водеа досега. Во Скопје доаѓаме со јасна цел да им понудиме на купувачите најдобар избор на парфеми и козметика, во современ амбиент и со стручен совет, како и да го прошириме асортиманот со нови брендови“, изјави сопственикот на „Јасмин“, Драгослав Дражовиќ.
„Јасмин“ е основан во Белград во 1956 година и располага со мрежа од 27 парфимерии во Србија и над 200 вработени. Во неговата понуда се застапени светски брендови како Шанел, Диор, Ланком, Армани и Ив Сен Лоран.
Македонскиот ланец „Космо“ започна со работа во 2009 година како дел од групацијата „Тинекс“ и досега нудеше повеќе од 15.000 производи од областа на козметиката, парфемите и личната нега.
Финансиските детали од трансакцијата, односно сумата за која српската компанија го презела бизнисот, не се соопштени. Како инвестициски советник во преземањето учествувала скопската компанија „Ахиос“.





