Случајот Епстин: Скотланд Јард ги проширува сослушувањата за поранешниот амбасадор Манделсон

Британската полиција планира, во рамки на истрагата против поранешниот британски амбасадор во САД, лорд Питер Манделсон поради неговите врски со Џефри Епстин, да испита како сведоци повеќе истакнати личности од британската политичка сцена, пишува денеска „Политико“, повикувајќи се на свои извори.
Според неименуван извор, сослушувањата на сведоците би можеле да почнат во рок од неколку недели. Лондонската Метрополитен полиција е подготвена да ја прошири истрагата за лорд Манделсон и да сослуша поранешни високи функционери во својство на сведоци. Како што се наведува, полицијата разгледува дали ќе го сослуша Морган Мексвини, кој како шеф на кабинет го советуваше премиерот Кир Стармер за именувањето на Манделсон за амбасадор. Советникот поднесе оставка на таа функција по засилувањето на контролата врз процесот на именување.
Како што наведува „Политико“, полицијата би можела да ги повика на разговор и другите официјални лица, вклучувајќи го и Гордон Браун, кој во тоа време беше премиер.
Ниту еден од овие потенцијални сведоци до денес нема добиено покана за разговор.
Како што е стандардно во британските полициски истраги, не се открива кој ќе биде испитан, а самото испитување не подразбира сторено незаконско дело.
Лорд Манделсон беше уапсен на 23 февруари под сомнение за злоупотреба на службената положба, откако објавените мејлови од „досиејата Епстин“ укажаа на неговите обемни контакти со осудениот сексуален престапник. Против него не е подигнато обвинение, а неговите адвокати велат дека тој соработува со истрагата.






