ВМРО-ДПМНЕ: Добро е што Кузеска признава дека стигнавме од брусење шахти до тоа европските челници да го користат македонскиот идентитет

Прес-конференцијата на Богданка Кузеска, во која таа посочува дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги употребува термините македонски јазик, култура и идентитет, претставува големо признание за работата на актуелната Влада, реагираат денеска преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија истакнуваат дека оваа реакција од СДСМ доаѓа од партија која, според нив, за време на своето владеење беше позната по тоа што ги брусеше капаците од шахтите и каде поранешниот премиер Зоран Заев ги коригираше и казнуваше сите што не ја употребуваа придавката „Северна“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, изјавите од опозицијата се потврда за променетата состојба во која европските челници сега отворено ги прифаќаат македонскиот јазик и култура, со што директно се зајакнува македонскиот идентитет.

Реакцијата од владејачката партија доаѓа откако денеска портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска рече дека со тоа што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера рекла дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ, се потврдило она што СДСМ и претседателот Филипче го говореле изминатиот период.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close