Германија со воена бригада во Литванија го зајакнува источното крило на НАТО

Германија ја презема одговорноста за источното крило на НАТО преку распоредување војници во Литванија, изјави денеска претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер, за време на нејзината посета на балтичката земја.

„Безбедноста на Литванија значи безбедност за Германија. Нашата земја презема одговорност таму каде што европската безбедност се брани на многу конкретен начин“, изјави Клекнер при посетата на воената база Рукла. Германската армија е во процес на стационирање постојана бригада во Литванија со бројност до 5.000 војници, како дел од одбраната на источното крило на Алијансата.

Четириесет и петтата оклопна бригада е одговор на зголемената закана од Русија по инвазијата врз Украина. Единицата официјално започна со работа во април 2025 година, а се очекува да биде во полна оперативна подготвеност до 2027 година.

Клекнер нагласи дека пораката до рускиот претседател Владимир Путин мора да биде јасна: „Секој што ќе го стави на испит источното крило на НАТО, нема да помине добро“. Таа додаде дека со оваа мисија Германија веќе не е само дел од Сојузот туку и директен гарант за безбедноста.

Back to top button
Close