Холандија прва во Европа дозволи автономно возење за возилата на „Тесла“

Холандија стана првата држава во Европа која на возачите на автомобили „Тесла“ им дозволи да ја користат функцијата за автономно возење под услов да останат во возилото и внимателно да ги набљудуваат дејствијата на системот, соопшти националната служба за безбедност на патиштата, цитирана од ДПА.

Станува збор за функцијата „FSD Supervised“ (целосно автономно возење под надзор), која веќе може да се користи во земјата.

„Системот за поддршка на возачот сега може да се користи и во Холандија. Можно е идно проширување на неговиот опсег во сите држави членки на Европската Унија“, наведоа властите.

Во овој режим, системот на „Тесла“ го презема управувањето со возилото, вклучувајќи го воланот, сопирачките и паркирањето. Сепак, неговата употреба е дозволена само при активен надзор од страна на возачот, кој мора да биде подготвен да интервенира во случај на потреба.

Со оваа одлука Холандија го следи примерот на САД. Паралелно, претседателот на управниот одбор на „Фолксваген“ (Volkswagen), Оливер Блуме, најави дека од 2027 година ќе започне сериското производство на моделот „ID. Buzz AD“ во фабриката во Хановер, што според концернот ќе биде првиот целосно автономен сериски произведен автомобил во Европа.

Back to top button
Close