Пратеничките Зајкова и Муса дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ на изборите во Унгарија

Македонските пратенички Моника Зајкова и Мимоза Муса се дел од набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на ОБСЕ на парламентарните избори во Унгарија што се одржуваат денеска.

Зајкова учествува како шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, а Муса како член на делегацијата. Мисијата се состои од повеќе од 130 парламентарци од 37 земји на ОБСЕ кои се распоредени за набљудување на изборите во повеќе региони на Унгарија.

„Специјален координатор на краткорочната мисија на ОБСЕ за набљудување на изборите во Унгарија е Саргис Канданјан, пратеник од Ерменија и претседател на Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања на Парламентарното собрание на ОБСЕ, а шеф на набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на ОБСЕ е пратеничката Рупа Хук, членка на делегацијата на Обединетото Кралство во ПС на ОБСЕ“, информираат од македонскиот парламент.

Парламентарното собрание на ОБСЕ по четврти пат ги набљудува изборите во Унгарија, а во пресрет на изборите, набљудувачите учествуваа на дводевни брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на изборите, со шефот и долгорочните набљудувачи на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и со претставници на изборната администрација, граѓански организации, медиуми, аналитичари и експерти.

Мисијата треба да процени дали изборите во Унгарија се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година кои вклучуваат слободно гласање, фер и слободна изборна кампања, правичен пристап до медиумите, како и чесно и точно известување за резултатите.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close