Синот на претседателот на Уганда бара милијарда долари од Турција и брак со најубавата Турчинка

Началникот на одбраната на Уганда и син на претседателот на оваа земја, Мухузи Кајнеругаба, побара од Турција милијарда долари и брак со „најубавата жена“ во Турција, поради, како што тврди, придонесот за безбедноста во регионот.
Кајнеругаба, во низа објави на социјалната мрежа Икс, се закани дека Уганда во рок од 30 дена ќе ги прекине дипломатските односи и ќе ја затвори турската амбасада во Кампала доколку неговите барања не бидат исполнети.
Тој тврди дека Турција остварува корист од деловни и инфраструктурни проекти во Сомалија, вклучувајќи пристаништа и аеродроми во Могадишу, додека Уганда, како што вели, веќе со години носи голем безбедносен товар, пренесе НДТВ.
„Уганда треба да добие милијарда долари како безбедносна дивиденда, во спротивно ќе ја затвори амбасадата на Турција“, објави тој.
Во истата објави изнесе и контроверзно барање Турција да му ја „предаде најубавата жена во земјата“ за да се ожени со неа.
Тој предупреди дека односите меѓу Уганда и Турција не треба да се сведуваат на „игри на социјалните мрежи“, но во исто време најави можност за скорешен прекин на дипломатските врски.
Кајнеругаба исто така им препорача на граѓаните на Уганда, од безбедносни причини, да избегнуваат патувања во Турција.
Во објавите изрази и поддршка за Израел, наведувајќи дека е подготвен да испрати 100.000 угандски војници за заштита на „светата земја“.
Ова не е првпат Кајнеругаба да го привлече вниманието на јавноста со необични изјави, бидејќи во 2022 година понуди, како што наведе, 100 крави за брак со италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Извор: slobodenpecat.mk






