Петер Маѓар навести можна екстрадиција на Груевски


Идниот унгарски премиер Петер Маѓар навести можно екстрадирање на поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија. Тој денеска одржа тричасовна прес-конференција по вчерашната убедлива победа на изборите.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќe ги екстрадира Збигњев Зиобро и Марцин Романовски, поранешен министер и заменик министер за правда во Полска, кои добија политички азил во Унгарија, Маѓар освен нив го спомена и поранешниот македонски премиер.

„Не треба да купуваат мебел во Унгарија во ИКЕА, затоа што нема да останат долго. Унгарија нема да биде азил за меѓународни криминалци. Тоа не се однесува само на нив, туку и на господин Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија, кој исто така е престапник“, најави Петер Маѓар, иден премиер на Унгарија.

Маѓар експлицитно најави екстрадиција на полските политичари, но тогаш не го спомена Груевски. Рече дека ако утре унгарски политички криминалци избегаат од земјата, тие очекуваат другите држави да ги екстрадираат во Унгарија да се соочат со правдата.

„Ќе најдеме начин, освен ако претходно не заминат, но ако не заминат ние ќе ги екстрадираме во Полска“, рече Маѓар.

Делот од изјавата на лидерот на Тиса каде тој го наведува Никола Груевски одговорајќи на новинарско прашање е на 1 час 08 мунити и 10 секунди во видеото подолу.

Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“. Експремиерот во Унгарија стигна на сомнителен начин, поминувајќи преку три држави сокриен во дипломатско возило.

Таму тој доби политички азил, а властите во Будимпешта досега ги одбија барањата на земјава за негова екстрадиција.

Опозицијата предводена од Маѓар убедливо победи на изборите во Унгарија. Виктор Орбан, кој ја водеше државата 16 години, заминува во опозиција. Орбан одржуваше добри односи со владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонската опозиција се радува, владејачката ВМРО-ДПМНЕ е воздржана во реакциите по изборите во Унгарија.

Според македонската опозиција, со падот на Орбан наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски – во медиумите, телекомуникациите, енергетиката, унгарскиот кредит од една милијарда евра…

„Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во Европската Унија. Нема повеќе криење на Никола Груевски во Будимпешта, тајни бизнис-комбинации, ниту кинески пари кои доаѓаа преку тој режим“, соопшти СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак одговори дека СДСМ помалку треба да се занимава со избори во други држави, а повеќе со внатрешните работи зашто може да исчезнат како партија.

„Прво, нема никакви тајни бизнис врски со Виктор Орбан и неговата партија. Второ, има официјални државни договори и соработка. Тоа значи договори меѓу Македонија и Унгарија има соработка како две држави од ист континент Европа кои соработуваат на повеќе полиња“, одговори ВМРО-ДПМНЕ.

Засега е нејасно какви промени во унгарската политика кон Македонија може да донесе промената на власта во Будимпешта, со оглед на тоа што Маѓар доаѓа на власт со јасна проевропска и антикорупциска агенда, но без јасно декларирана политика кон регионот.

Back to top button
Close