Нови дојави за бомби во „Ист гејт“ и „Дајмонд“, полицијата прави евакуација и проверки

Дојави за поставени експлозивни направи во трговските центри „Ист гејт“ и „Дајмонд“ во Скопје пристигнале денеска на електронската адреса на Министерството за внатрешни работи, по што веднаш се преземени безбедносни мерки и започнати проверки на терен.

 

Од МВР информираат дека полициски екипи се на лице место и вршат детални контроли во објектите.

„На електронска адреса на Министерството за внатрешни работи е добиена порака со закана дека во трговските центри „East gate“ и „Diamond“ во Скопје се поставени експлозивни направи. Полициски службеници преземаат мерки и вршат проверки во трговските центри“, велат од МВР

Во меѓувреме, според сведоштво на посетител, во „Ист гејт мол“ се врши евакуација, а на граѓаните им било укажано да се оддалечат од објектот од безбедносни причини.

Слични дојави за бомби во трговски центри во Скопје се регистрираат во континуитет изминативе години и сите се покажаа како лажни. Досега, институциите не успеаја да го утврдат идентитетот на лицата што стојат зад овие закани.

 

 

 

Back to top button
Close