Со тесла упаднал во маркет, украл 52.900 денари, па се обидел повторно: уапсен косовски државјанин
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 39-годишен косовски државјанин поради основано сомнение дека сторил кривично дело тешка кражба, како и обид за извршување на истото дело.

Според обвинителството, осомничениот на 11 април со тесла го скршил стаклото од влезната врата на тобако-маркет во Скопје, по што влегол внатре, пребарувал и одзел пари од дневниот промет, алкохолни пијалоци, цигари и други производи, со вкупна вредност од 52.900 денари. По кражбата, избегал со велосипед.
На 18 април повторно се обидел да влезе во истиот објект на ист начин, но бил забележан од минувачи и вработени, кои случајот го пријавиле во полиција.
Од Обвинителството информираат дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особено поради тоа што осомничениот непријавено престојувал во државата, поради што е доставен предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор.





