Макрон предупредува: Европа мора да се разбуди – САД, Русија и Кина се против нас

Screenshot

Европа мора да ги засили напорите за заштита на сопствените интереси, бидејќи САД, Русија и Кина се сè поотворено поставени спротивно на европските позиции, предупреди францускиот претседател Емануел Макрон.

Во разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Атина, Макрон оцени дека Европа се наоѓа во „единствен момент“ во кој трите големи сили настапуваат спротивставено кон европските интереси.

„Не смееме да потцениме дека ова е момент во кој американскиот, рускиот и кинескиот претседател се против Европејците. Ова е вистински момент да се разбудиме“, изјави Макрон.

Тој повика европските држави да покажат поголема самодоверба и да креираат сопствена стратегија, наместо да зависат од надворешни актери.

Макрон истакна дека напнатостите со САД не се привремени и дека ќе продолжат и по мандатот на актуелниот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека станува збор за подлабок историски тренд.

„Можеме да соработуваме со САД по одредени прашања, но ваквиот пристап ќе потрае“, нагласи тој.

Францускиот претседател додаде дека Европа во минатото го гледала првиот мандат на Трамп како исклучок, но дека сега е јасно оти мора да се преземат конкретни чекори за зајакнување на европската позиција.

Паралелно со политичките пораки, Франција и Грција најавија обновување на билатералниот безбедносен договор, кој предвидува меѓусебна одбрана и продлабочена соработка.

Станува збор за ажурирање на договорот од 2021 година, со кој Грција се обврза на набавка на француски воени бродови во вредност од најмалку три милијарди евра, а новата верзија ќе биде продолжена за дополнителни пет години со можност за автоматско продолжување.

Очекувањата се соработката да се прошири и во области како надворешна политика, цивилна заштита и економија, како дел од пошироките напори за зајакнување на европската автономија, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close