Руски дрон падна во Романија: За првпат оштетен имот на НАТО територија

Делови од руски дрон се пронајдени во југоисточниот дел на Романија, во градот Галац, по ноќен напад врз соседна Украина, при што биле оштетени електричен столб и помошен објект во близина на куќа, соопшти романското Министерство за одбрана.
Во инцидентот нема повредени, но ова е првпат да биде предизвикана материјална штета на романска територија, иако и претходно фрагменти од дронови паѓале во земјата.
Романија, која е членка на НАТО и Европската унија, има 650 километри долга граница со Украина и веќе повеќепати регистрирала нарушување на воздушниот простор од руски дронови, особено при нападите врз украинските пристаништа долж реката Дунав.
Од Министерството за одбрана остро ги осудија, како што наведуваат, „неодговорните постапки“ на Русија, оценувајќи дека тие претставуваат сериозен предизвик за регионалната безбедност и стабилност во Црноморскиот регион.
„Овие инциденти покажуваат непочитување на меѓународното право и не ја загрозуваат само безбедноста на романските граѓани, туку и колективната безбедност на НАТО“, се наведува во соопштението.
Во текот на нападот биле подигнати два борбени авиони „Еурофајтер Тајфун“, како дел од британската мисија за воздушен надзор во Романија, додека жителите на соседната област Тулчеа биле предупредени да побараат засолниште.
Напнатоста на источниот фронт на Европа дополнително расте во последните месеци, откако повеќе земји од НАТО пријавија нарушувања на нивниот воздушен простор од сомнителни руски дронови.
Романските власти најавуваат и засилување на одбраната, со интеграција на американски систем за борба против дронови базиран на вештачка интелигенција, кој треба да биде оперативен во наредните денови и ќе се користи за заштита долж Дунав, објави Скопје1.мк.






